Gamze Türkoğlu Oğuz
18 Септември 2020•Ажурирај: 20 Септември 2020
АНКАРА
Астрономите открија џиновска планета во орбитата на белото џуџе (ѕвезда која умира), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тим на меѓународни експерти во орбитата на белото џуџе WD 1856 + 534 открија планета со големина на Јупитер наречена WD 1856 b“, се наведува во соопштението на Американската вселенска агенција (НАСА).
Планетата која е оддалечена 80 светлосни години од Земјата, се наоѓа на соѕвездието Змеј, а својата ротација околу студената ѕвезда ја завршува за 34 часа.
Се претпоставува дека белото џуџе WD 1856 + 534 припаѓа на системот на тројните ѕвезди и е стара околу 10 милијарди години.
Астрономот Ендру Вандербург од Универзитетот во Висконсин-Медисон изјави дека иако планетата WD 1856 b е многу блиску до белото џуџе, таа сепак успеала да остане во едно парче.
„Процесот на формирање на белото џуџе ги уништува планетите во близина. Сѐ што е преблиску до ѕвездата, често се разбива поради огромната гравитација на ѕвездата. Сѐ уште постојат многу прашања за тоа како WD 1856 b дошла до својата моментална позиција, а да не доживеала една од овие судбини“, наведе Вандербург.