Şebnem Coşkun
14 Февруари 2022•Ажурирај: 15 Февруари 2022
АНТАРТИК (АА) - Тим истражувачи и научници од Турција се на Антарктикот за да спроведат научни истражувања во рамките на шестата антарктичка експедиција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тимот од Турција по долго патување стигна на островот Хорсшу, каде што се наоѓа привремената турска научна база.
Тимот од 20 членови месец и пол ќе спроведува истражувања на замрзнатиот континент во согласност со 14 проекти во различни научни области. Двајца истражувачи од Португалија и Бугарија исто така му се придружија на тимот во Националната антарктичка научна експедиција на Турција.

Во текот на експедицијата ќе се тестираат и одредени национално развиени технолошки производи.
Шестата антарктичка експедиција се спроведува под покровителство на Канцеларијата на претседателот на Турција во координација на Институтот за поларни истражувања (TUBITAK) (Центар за научни и технолошки истражувања на Турција).
Откако стигнаа до антарктичкиот континент, тимот научници од Турција се упатија кон југ, преминувајќи преку островот Ливингстон, каде што се наоѓа бугарската база, а потоа и преку теснеците Брансфилд и Жерлаш, каналот Лемари и теснецот Пенола.
Огромните карпи лед во теснецот Пенола и каналот Грандиде го отежнаа праволиниското движење на бродот, поради што во одредени подрачја го забави движењето.
Тимот од експерти кој ја сочинуваа Четвртата национална мисија на Турција во февруари 2020 година ја основаа првата фиксна станица на Глобалниот сателитски систем за навигација (GNSS), прва од ваков вид надвор од границите на Република Турција. Станицата е формирана на островот Дисмал, кој е оддалечен 73 километри од островот Хорсшу.

Илијас Акпинар, член на тимот научници, истакна дека шестата антарктичка експедиција е важна за дополнителните истражувања што планираат да ги поминат на Антарктикот.
„Науката за геодезија се занимава со обликот на земјата, нејзината локација и гравитационото поле. Глобалните сателитски навигациски системи ГНСС, освен одредувањето на нашата моментална локација, можат да се користат и за решавање на проблемот со навигација, откривањето на промените на нивото на морето, како и за откривање и следење на тектонските активности“, кажа Акпинар.
Потсети дека Турција во моментот има три фиксни станици ГНСС на тоа подрачје на антарктичкиот континент.
„Мерењата што веќе ги направивме се важни во смисла на откривање не само на копна, туку и на тектонски промени поврзани за океаните. Исто така, ова ќе ни овозможи да придонесеме за научните истражувања за Антарктикот“, додаде.

Заменик-водачот на експедицијата, Хасан Хакан Јавашоглу, истакна дека на островот Хорсшу стигнале по долго патување кое траело 21 ден.
„Прво стигнавме до островот Дисмал, а потоа до островот Хорсшу. Нашиот тим во моментот го извршува извидувањето на терен. Од денес почнуваме со научни истражувања. Оваа година, во текот на изведувањето на нашата експедиција ќе бидат реализирани вкупно 14 научни проекти. Овде сме заедно со нашите професори кои претежно ќе се занимаваат со науките за живи суштества, физичките науки и науките за Земјата“, кажа Јавашоглу.
Островот Хорсшу е долг 12 километри и широк 6 километри и го зазема поголемиот дел од влезот на заливот Сквер, покрај западниот брег на Грахам Ленд на Антарктикот.
Антарктик е континент на кој се наоѓа земјиниот Јужен Пол. Тоа е најстудено место на Земјата и речиси секогаш е прекриено со лед. Антарктикот е откриен во јануари 1912 година, тој е петти по големина континент на Земјата. На него нема постојани жители.
Со Меѓународниот антарктички договор од 1959 година со тој континент управуваат Научниот совет за истражувања на Арктикот (SCAR) и Советот на менаџери на национални антарктички програми на Антарктикот (COMNAP).