Fatih Hafız Mehmet,Büşra Nur Bilgiç
19 Ноември 2019•Ажурирај: 19 Ноември 2019
САРАЕВО (АА) - Најголемите политички партии во Босна и Херцеговина (БиХ) се согласија да формираат нова влада во Босна и Херцеговина, јавува Агенција Анадолија (АА).
БиХ беше без Влада од октомври минатата година, кога се одржаа општите избори.
Претседателството на Босна и Херцеговина кое се состои од бошњачки, срспки и хрватски членови, на вонредна седница одржана денес во Сараево донесе одлука за именување на Зоран Тегелтија од Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД) за претседавач со Советот на министри на БиХ.
На истата седница Претседателството на БиХ донесе одлука дека во НАТО седиштето во Брисел ќе го достави документот Програма на реформи на БиХ, во рок од еден ден откако Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на БиХ ќе го потврди именувањето на претседавачот и министрите од Советот на министри на БиХ.
Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, на прес-конференција рече дека според оваа одлука, нема победници или губитници.
„Победник е Босна и Херцеговина и нејзините граѓани“, рече Џаферовиќ.
Според постигнатиот договор, владата ќе биде формирана од СНСД, Странка на демократска акција (СДА) и Хрватска демократска заедница (ХДЗ).
Турција го поздрави договорот преку писмено соопштение на Министерството за надворешни работи.
Во соопштението се наведува дека со постигнатиот договор се отвора патот за воспоставување на власта на државно ниво во земјата.