21 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
ЗАГРЕБ (АА) - Доналд Туск е избран со мнозинство гласови за нов претседател на Европската народна партија, на конгресот на Европските народни партии (EPP), кој се одржа во Арената „Загреб“, јавува Агенција Анадолија (АА).
За Доналд Туск гласаа 491, а против беа 37 гласачи на Конресот на Сојузот на европските демохристијански партии.
Првиот челник на ЕПП, кој доаѓа од средна и источна Европа, ќе го замени Французинот Жозеф Дол, кој ја водеше партијата до крајот на 2013 година и кого насобраните народи го испратија со ракоплескање.
Германската канцеларка, Ангела Меркел, во својот говор се присети на неодамнешната годишнина од рушењето на Берлинскиот ѕид, истакнувајќи дека тоа било време на храбри луѓе.
„Факт е дека Хрватска е членка на ЕУ која е поврзана со таа желба за обединета Европа и сакаме да им порачаме на земјите од Западен Балкан: „Имате можност за членство во Европската Унија“. Мора да го слушнат тоа од Загреб“, порача Меркел.
Таа додаде дека задачата на ЕПП е да гради мостови во Европа, и ја поздрави Европската комисија, предводена од Урсула фон дер Лејен, за која рече дека е геополитичка комисија која пред светот ќе ја претстави обединета Европа и ќе покаже европско единство кон САД, Кина и Русија. Меркел рече дека Европската Унија сака да ги преземе своите одговорности во рамките на НАТО.
Како предизвици на ЕУ ги наведе миграцијата, безбедносните предизвици, климатските промени и дигитализацијата.
Идната претседателка на ЕК, Урсула фон дер Лејен, најави дека очекува составот на новата Комисија предводена од неа да биде потврден во рок од три недели. Меѓу другото, Фон дер Лејен истакна дека раководството на ЕУ ќе се справи со климатските промени заедно со компаниите и ја истакна улогата на хрватската пратеничка Дубравка Шуица, која ќе биде надлежна за демографијата и демократијата во ЕК.
Хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ, изрази надеж дека повторно ќе се избришат сè уште постоечките граници меѓу источна и западна, стара и нова Европа, со цел подобар живот за европските граѓани.
„Не смееме да заборавиме на нашите соседи, кои се клучни за безбедноста и стабилноста на Европската Унија. Не можеме да се согласиме на статус кво“, рече Грабар-Китаровиќ.
„Проширувањето или интеграцијата мора да се направи врз основа на заслуги, а Европа мора да го одржи ветувањето“, рече таа, додавајќи дека некој друг, трета, често недобронамерна партија, ќе ја искористи подготвеноста на соседите на Хрватска, доколку Европа не го стори тоа.
Во своето обраќање пред пратениците на ЕПП од 40 земји, Доналд Туск рече дека во Европската Унија денес се присутни на една страна партии на неодговорен популизам, а на друга „нашата партија на одговорна популарност“.
„Под никакви околности не смееме да го препуштиме подрачјето на слобода и редот на популистите, на манипулаторите и автократите, кои ги наведуваат луѓето да веруваат дека слободата не може да оди рака под рака со безбедноста, дека заштитата на нашите граници и територии не можат да одат заедно со либералната демократија и владеењето на правото“, рече Туск.
„Нашите вредности, како граѓанските слободи, владеењето на правото и пристојното јавно однесување, нема да ги жртвуваме на олтарот на безбедноста и редот, бидејќи за тоа нема потреба“, додаде Туск.
Тој се заблагодари на големата поддршка што ја добил од европското семејство на народи и изрази надеж дека нема да ја изневери нивната доверба.