Admir Fazlagic
10 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија на денешната 64-та седница донесе Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборниот процес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти владината прес-служба, со оваа уредба, Владата „го задолжува Министерството за внатрешни работи во рок од еден ден од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, да ги достави до Државната изборна комисија податоците од членот 43 ставот 6 на Изборниот законик, односно листа на државјани кои поднеле барање за издавање на нова лична карта или патна исправа по било кој основ и кои ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на влегувањето во сила на оваа уредба.“
Исто така, според соопштението, МВР треба да достави листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, односно дваесет и вториот ден од престанокот на траењето на вонредната состојба.
Уредбата определува дека Државната изборна комисија податоците за овие лица ги впишува во избирачкиот список по службена должност.
Како што се наведува, со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија и Државниот завод за статистика се должни да ги продолжат дејствијата за ажирурање на избирачкиот список прекинати на 21 март 2020 година, согласно оваа уредба и согласно Изборниот законик.
Во соопштението стои дека со денот на влегувањето во сила на оваа уредба, Државната изборна комисија е должна да ги превземе и изврши сите неопходни технички и административни активности заради подготовка на преостанатите изборни дејствија, согласно Изборниот законик.
„Со оваа уредба Министерството за здравство е должно, според утврдените протоколи од Комисијата за заразни болести, за потребите на изборите, а по добиени податоци од Државната изборна комисија, да обезбеди заштитни маски, ракавици и друга потребна заштитна опрема за сите членови на изборните органи и средства за дезинфекција за секое избирачко место", се наведува во соопштението.
„На седницата на Владата единствен кој гласаше против оваа уредба беше министерот за внатрешни работи Наќе Чулев", информираат од владината прес-служба.
Потсетуваме, поради пандемијата на коронавирусот во Северна Македонија се одложија предвремените парламентарни избори првично закажани за 12 април, а политичките партии сè уште не постигнаа договор за нов датум за избори.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, на 30 мај, објави дека донел одлука за продолжување на вонредната состојба во траење од 14 дена. Вонредната состојба во земјата беше воведена на 18 март во рамките на борбата против ширењето на коронавирусот.