Abdula Berisha
15 Јули 2019•Ажурирај: 17 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на прес-конференција упати повик за лидерска средба, за која предложи да се одржи во петок, 19 јули, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев ги покани претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, и претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, и предложи средбата да се одржи во Клубот на пратеници, каде што беа одржани претходните лидерски средби.
Тема на разговорот, според Заев, треба да бидат важните државни прашања кои влијаат и врз евроинтеграцискиот процес на земјата, како што се: Изборниот законик, прашањето за Специјалното јавно обвинителство и пописот на населението.
Заев истакна дека иако извештајот на Европската комисија за Северна Македонија беше одличен, реформите не треба да престанат, за што според него, потребен е консензус и со опозицијата.
„Од таа средба, на која очекувам сите да се фокусираме на создавање услови за тој последниот исчекор за старт на преговорите, очекувам да произлезат предлози за акциски план и работни групи во кои би учествувале избраниците од сите парламентарни групи“, рече Заев.
Кон крајот на месец мај, Европската комисија го објави извештајот за Северна Македонија, со кој се препорачува почеток на преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Сепак, Советот на ЕУ ја одложи својата одлука за Северна Македонија за месец октомври.