Abdula Berisha
31 Јануари 2023•Ажурирај: 01 Февруари 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Северна Македонија, Славјанка Петровска, рече дека земјата се соочува со неконвенционални безбедносни закани, како хибридните и киберзаканите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Петровска учествуваше на панел-дискусијата насловена „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, во рамките на годишната конференција „Година на нови можности“, што се одржува во Скопје.
Министерката Петровска истакна дека како НАТО-членка, Северна Македонија не се соочува со закани од конвенционален тип, но дека земјата, но и регионот и светот, се соочуваат со различни видови други закани.
„Бевме и ние сведоци на бројните хибридни закани со кои се справивме. Светот, регионот и ние се соочуваме со сајбер закани и напади, и сето тоа во суштина има една цел, од тие коишто го прават. Тоа е, не можеби со употреба на физичка сила, меѓутоа со употреба на овие неконвенционални методи, да предизвика рушење на стабилноста на институциите, а со тоа, се разбира, и на општеството“, рече Петровска.
Говорејќи за руската агресија врз Украина, таа истакна дека позициите на Северна Македонија се многу јасни во поддршка на Украина.
Петровска меѓу другото додаде дека Северна Македонија се претвори од земја која била корисник на помош, во земја која дава помош и поддршка со разните мисии низ светот.
- „Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија“
На панел-дискусијата, свое видеообраќање имаше и министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи. Тој се обрати од седиштето на НАТО во Брисел, каде престојува на работна посета во својство на претседавач со ОБСЕ.

„Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи“, нагласи Османи.
Тој истакна дека покрај ОБСЕ, Северна Македонија годинава претседава и со Јадранската повелба, како и со Процесот за соработка во југоисточна Европа.
Османи потсети дека е постигнато апсолутно усогласување со надворешната и безбедносна политика со ЕУ. Говорејќи за евроинтеграциите, тој рече дека очекува да се заврши скринингот до ноември оваа година.
Свој говор имаше и министерот за внатрешни работи на Северна Македонија, Оливер Спасовски, кој истакна дека добрата геостратешка положба на државата дава многу можности за добар развој, но предизвикува и сериозни ризици по безбедноста на државата.

„2022 година ние бележиме намалување на вкупниот број на кривични дела, односно на вкупниот криминалитет, и се одбележува зголемување на ефикасноста во борбата против криминалот и корупцијата“, рече Спасовски.
Тој напомена исто така дека се забележува зголемена ефикасност и во борбата против трговијата со дрога.
На панел-дискусијата учествуваа и Исмет Рамадани, претседател на Евроатлантскиот совет на Северна Македонија, како и Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност.
Дводневната конференција „Година на нови можности“, што започна вчера, се одржува со цел констатирање на резултатите од работата на Владата во изминатата година и на предизвиците и перспективите на општествено-политички план во претстојната година.