Furkan Abdula
26 Септември 2020•Ажурирај: 27 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски, и претседателот на Словенија, Борут Пахор, денеска во Охрид го посетија Кампот за обука на вода на Армијата на Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Пендаровски и Пахор заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, се запознале со дел од обуката што ја изведуваат припадниците на Баталјонот за специјални сили, како и со можностите и начинот на работа коишто ги нудат овие капацитети на Армијата во состав на Командата за обука и доктрини.
„Припадниците од Баталјонот за специјални сили пред претседателите Пендаровски и Пахор, преку методско-показни вежби прикажаа постапки кои се применуваат за ситуација на заложничка криза на пловен објект. Во вежбата беа вклучени и хеликоптери од воздухопловниот ВИНГ на Армијата, при што се демонстрираше висок степен на обученост и извежбаност за извршување сложени задачи на вода согласно НАТО-стандардите кои се применуваат во вакви ситуации“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека пред вежбата, словенечкиот претседател Пахор бил запознаен со мисијата и задачите на Армијата на Северна Македонија, а припадниците на Баталјонот за специјални сили пред присутните извеле кратка показна вежба на која презентирале дел од боречките вештини.
„Потенцирајќи го високото ниво на стручност од припадниците на Армијата на Република Северна Македонија за извршување на задачите коишто произлегуваат од нашето полноправно членство во НАТО, претседателот Пендаровски по завршување на вежбата истакна дека припадниците на Армијата се обучени и подготвени за реакција на сите предизвици во рамки на нивната мисија“, се додава во соопштението.
Претходно во Охрид, Пендаровски и Пахор посетиле дел од културните знаменитости, при што Пендаровски го запознал својот словенечки колега Пахор со дел од историјатот на црквата „Света Богородица Перивлепта“, Галеријата со икони, како и со богатата историја на црквата „Света Софија“.
Со престојот и активностите во Охрид заврши дводневната, официјална посета на претседателот на Словенија, Борут Пахор, на Северна Македонија.