Almir Terzic
12 Ноември 2017•Ажурирај: 13 Ноември 2017
САРАЕВО (АА) - Денеска во Словенија се одржува вториот круг од претседателските избори на кои се натпреваруваат, Борут Пахор и Марјан Шарец, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во првиот круг, одржан на 22 октомври, кандидатот Борут Пахор имаше освоено 47,21 отсто од гласовите, додека Марјан Шарец 24,76 отсто од гласовите меѓу вклупно деветте кандидати кои се натпреваруваа за функцијата претседател на Словенија.
Вкупниот број на гласачи со право на глас изнесува 1.716.039, и ова се шести претседателски избори од прогласувањето независност во 1991 година.
Претседателот на Република Словенија е највисоката политичка функција во Словенија; претседателот ја претставува Словенија и командува со нејзините одбранбени сили.
Актуелен претседател е Пахор, а досега таа функција ја извршувале Милан Кучан (два мандата), Јанез Дрновшек и Данило Тирк.
Словенија во 2004 година стана полноправна членка на НАТО сојузот и на ЕУ, на подрачјето на еврозоната, членка е на Шенген, а во 2010 година стана членка на OECD (ОЕЦД) и на многу други меѓународни организации.
Инаку, Словенија има 2.064.836 жители. Според податоците на Агенцијата за статистика, Словенија е држава во којашто бруто платата изнесува 1.613,62 евра, а нето платата 1.051,73 евра. Евидентираната невработеност во Словенија изнесува 6,4 отсто, растот на БДП е 4,4 отсто, а инфлацијата 1,4 отсто.