Ekip
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
БРИСЕЛ (АА) - Суспендираниот претседател на Каталонија, Карлес Пучдемон, изјави дека од Брисел ќе се врати во истиот момент кога во Шпанија ќе му биде гарантирано фер судење, јавува Anadolu Agency (AA).
Пучдемон денес се обрати пред јавноста од Брисел, каде што допатува вчера, токму на денот кога шпанското обвинителство започна постапка за подигање обвинение за бунт и проневера поради прогласување независност на Каталонија.
Тој порача дека во Белгија не дошол да бара азил, туку за слободно и сигурно да дејствува.
„Во Брисел сум бидејќи тоа е главниот град на Европа. Мојот тим и јас ќе продолжиме со работа, без оглед на сите ограничувања што ни се наметнуваат“, порача Пучдемон.
Тој исто така порача дека Владата на Шпанија нема да успее да го спречи каталонскиот политички проект, а декемвриските регионални избори ги прифаќа како голем предизвик.
„Мораме да работиме на избегнување на насилството, а дијалогот е приоритет“, порача Пучдемон.
Спротивставените прошпанска и прокаталонска група се собраа пред зградата во којашто Пучдемон се обрати пред новинарите, а белгиската полиција го обезбедува подрачјето.
Суспендираниот претседател на Каталонија во Брисел допатува вчера, кога шпанскиот државен обвинител до Националниот и до Врховниот суд во Мадрид ги предаде барањата за подигање обвиненија против Пучдемон и уште 12 членови на променетата влада, како и против челникот на Парламентот на Каталонија. Челниците на Каталонија се товарат за бунт и за проневера на јавните добра.
Властите на Каталонија, предводени од Пучдемон, во петокот прогласија независност на таа покраина, врз основа на резултатите од неодамнешниот неуставен референдум, а шпанските институции истиот ден ја суспендираа автономијата на Каталонија и ја разрешија од должност Владата на Каталонија.