Furkan Abdula
24 Ноември 2021•Ажурирај: 25 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, доцна синоќа оствари телефонски разговор со помошник-државната секретарка на Соединетите Американски Држави (САД), Карен Донфрид, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата преку соопштение ја потврди Владата на Северна Македонија.
Во соопштението се нагласува дека соговорниците се осврнале на несреќата на автобусот со македонски регистарски таблички која се случи вчера во Бугарија.
Донфрид, во име на Владата на САД и на американските граѓани, изразила длабоко сочувство до премиерот и граѓаните на Северне Македонија за загинатите во автобуската несреќа во Бугарија.
Меѓу другото, Заев и Донфрид разговарале и за евроинтегративниот процес на земјата.
„Премиерот Заев и помошник-државниот секретар Донфрид разговараа за евроинтегративниот процес на Северна Македонија, при што беше изразена целосна поддршка од страна на САД за отворање на преговорите со ЕУ во декември оваа година“, се вели во соопштението.
Се истакнува дека соговорниците се согласиле дека отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија е надворешнополитички и геостратешки интерес на САД.
Во телефонскиот разговор потврдено е стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и САД, кои сега се и партнери во НАТО.