Husamedin Gina
19 Ноември 2021•Ажурирај: 20 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска беше домаќин на претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, кој престојува во официјална посета на Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Претседателот Дуда, на платото пред Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија беше пречекан со највисоки државни и воени почести.
Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.
По пленарниот состанок на двете делегации, претседателите Пендаровски и Дуда одржаа заедничка прес-конференција.
Претседателот Стево Пендаровски, по средбата со полскиот претседател Анджеј Дуда во Скопје, рече дека оваа посета несомнено претставува потврда за пријателството помеѓу двете држави и цврстите македонско-полски односи.
Истакнувајќи дека пред сѐ разговарале за билатералните односи помеѓу двете земји, Пендаровски рече дека разговарале и за состојбите во регионот на Западен Балкан, европските интеграции, како и за актуелните предизвици со кои двете земји се соочуваат како сојузнички во НАТО-алијансата.

„До претседателот и до Владата на Полска упатив посебна благодарност за несебичната донација од над 200.000 вакцини на „Фајзер“, реализирана во текот на денешниот ден“, рече Пендаровски, додавајќи дека во изминатите неколку години односите меѓу двете земји се развивале по нагорна линија во повеќе области.
Меѓу другото, Пендаровски истакна дека една од клучните теми на денешните разговори биле и европските интеграции на Северна Македонија.
„Полска покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме и прави напори да помогне во надминување на препреките се кои се соочуваме, и тоа не само билатерално туку и преку Вишеградската група, како и преку другите регионални форуми во кои членува“, нагласи Пендаровски.
Истакнувајќи дека на средбата размениле мислења за состојбата на белоруско-полската граница, Пендаровски рече дека на претседателот Дуда му изразил целосна солидарност и поддршка за надминување на оваа ситуација и дека за Северна Македонија се целосно неприфатливи постапките на раководството на Белорусија кое оркестрира со оваа хуманитарна криза.
На прес-конференцијата, полскиот претседател Анджеј Дуда му се заблагодари на претседателот Пендаровски за тоа што на средбите го искажал своето мислење, солидарност и поддршка во врска со проблемот кој Полска го има на границата со Белорусија.
„Би сакал да кажам дека навистина е факт дека нападот којшто во моментот се случува е всушност хибриден напад и тој се врши во моментот на полската граница, но во исто време таа граница е и граница на НАТО, односно станува збор за три земји членки, тоа се Полска, Литванија и Латвија“, рече полскиот претседател.
Меѓу другото, истакнувајќи дека поддршката на Полска за членството на Северна Македонија во Европската Унија продолжува и понатаму и дека за тоа го уверил и претседателот Пендаровски на средбите, Дуда рече дека соработката меѓу двете земји се одвива во рамките на меѓународните организации.

На прашањето што ако Северна Македонија добие повторно „не“ во декември за почнување на преговори за членство во ЕУ од Бугарија, полскиот претседател рече дека Бугарија сѐ уште е во изборен процес, дека сѐ уште не е формирана влада и дека таа се очекува во наредниот период, во зависност од изборниот процес.
„Се надевам дека новата влада што ќе се формира во Бугарија“, рече Дуда, „ќе има поконструктивна позиција и став во поглед на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ“, додавајќи дека Полска ја дава безрезервната поддршка за влез на Северна Македонија во ЕУ.
Во рамки на официјалната посета на Република Северна Македонија, претседателот Дуда ќе има средби и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателот на Владата, Зоран Заев.
Пендаровски и Дуда ќе присуствуваат и ќе имаат обраќања на Македонско-полскиот бизнис-форум.
Двајцата претседатели ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во Црквата „Св. Спас“.