Kanyshai Butun
12 Мај 2026•Ажурирај: 12 Мај 2026
Русија денес соопшти дека Европската Унија (ЕУ) се обидува да ја одвои Ерменија од Москва преку зголемување на своето влијанието врз општествено-политичкиот живот, како и врз економијата на земјата, објави државната новинска агенција „Тасс”, пренесува Анадолу.
Михаил Калугин, директор на Четвртиот оддел за земјите од Заедницата на независни држави (ЗНД) при руското Министерство за надворешни работи, изјави дека ЕУ ја користи Ерменија за остварување геополитички цели фокусирани кон конфронтација со Русија.
„Гледаме како ЕУ се обидува да ги искористи претстојните парламентарни избори во Ерменија за оваа цел. Во републиката веќе се распоредени две мисии слични на оние што беа ангажирани за време на изборните кампањи во Молдавија“, изјави тој.
Калугин, исто така, тврди дека европските „експерти“ се обидуваат да ја прикажат Русија како непријател и да создадат, како што опиша тој, лажен впечаток дека Москва се противи на „воспоставувањето независна Ерменија“.
Тој ги обвини европските претставници за изнесување неосновани тврдења за руските „хибридни напади” и мешање во внатрешните работи на Ерменија.
Рускиот претседател Владимир Путин на почетокот на април му кажа на ерменскиот премиер Никол Пашинјан во Кремљ дека Москва не е загрижена за односите на Ерменија со ЕУ.
Тој, сепак, нагласи дека Ереван не може истовремено да биде членка и на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и на ЕУ.
Во саботата Путин предложи Ерменија да размисли за референдум за својата геополитичка насока, велејќи дека Москва би прифатила „нежен, интелигентен и заемно корисен развод“ доколку Ереван избере поблиски врски со ЕУ.
Подоцна Пашинјан изјави дека Ереван не планира да одржи референдум за тоа дали да остане во Евроазиската економска унија или да се стреми кон членство во ЕУ.