Muhammed Yasin Güngör,Gizem Nisa Çebi
28 Март 2025•Ажурирај: 28 Март 2025
Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, оствари серија состаноци на високо ниво за време на неговата дводневна посета на Вашингтон, на кои разговараше со американските претставници за клучни билатерални и регионални прашања, јавува Анадолу.
Фидан во текот на вчерашниот ден оствари средба со американскиот конгресмен Џо Вилсон во турската Амбасада во главниот град на Соединетите Американски Држави (САД), објави денес турското Министерство за надворешни работи.
Вилсон е член на Комисијата за надворешни работи и Комисијата за вооружени служби во Претставничкиот дом и копретседавач на групата во Конгресот за односи меѓу САД и Туркије и турските Американци.
Фидан во турската Амбасада прими и претставници на Американската коалиција за Сирија.
Состанокот се реализира во период на тековните регионални разговори за политичката и хуманитарната ситуација во Сирија, како и за улогата на Туркије во стабилизирањето на земјата зафатена со конфликти.
Агендата на Фидан, исто така, вклучуваше учество на тркалезната маса на Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања (СЕТА) во текот на вчерашниот ден.
Фидан допатува во посета на САД за да се сретне со неговиот американски колега Марко Рубио за разговори за низа билатерални и регионални прашања, вклучително и потребата од перманентен прекин на огнот во Појасот Газа.
На состанокот се надоврзаа на прашањата за кои се разговараше за време на телефонскиот разговор на 16 март меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и американскиот претседател Доналд Трамп.
Двете страни разговараа и за напорите за постигнување прекин на огнот меѓу Русија и Украина, при што Туркије изрази поддршка за американските напори во тој поглед.
Разговорите го опфатија и тековниот мировен процес меѓу Азербејџан и Ерменија и важноста на стабилноста на Босна и Херцеговина за поширокиот регион на Балканот.