Burç Eruygur
10 Септември 2026•Ажурирано: 10 Септември 2026
Русија и Украина денес разменија обвинувања во врска со воздушните напади извршени во текот на ноќта, во кои загинаа најмалку три лица, а над 30 се повредени во двете земји, јавува Анадолу.
Во Украина, гувернерот на Днепропетровската Област, Олександр Ганжа, изјави дека осум лица се повредени по ноќните напади во кои се оштетени станбени згради и локалната инфраструктура во градот Криви Рих и во областа Никопол.
Гувернерот на областа Суми, Олег Григоров, соопшти дека две лица загинале, а 20 се повредени во рускиот напад во кој е погоден трговски центар во административниот центар на оваа североисточна област.
„Двајца мажи и една жена се во тешка состојба. Уште една жена е во критична состојба. Меѓу повредените има три девојки на возраст од 15 до 16 години. Нивните повреди се од полесни до умерени. Лекарите ја овозможуваат неопходна нега“, рече Григоров.
Во Киевската Област, Тимур Ткаченко, шеф на Регионалната државна управа на Киев, изјави дека три лица се повредени во руските напади во текот на изминатиот ден, при што најголеми штети се забележани во областите Фастив и Буча.
„Во областа се оштетени вкупно 32 објекта“, рече Ткаченко, напоменувајќи дека меѓу нив се и два индустриски или магацински објекти.
Во меѓувреме, вршителот на должноста гувернер на областа Миколаив, Георгиј Решетилов, изјави дека четири лица загинале, а 19 се повредени во руските напади насочени кон пристанишната, индустриската и цивилната инфраструктура во административниот центар на областа.
Украинските воздухопловни сили тврдат дека противвоздушната одбрана соборила 128 од 149 беспилотни летала лансирани од Русија во текот на ноќта.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека извршило групни напади врз магацин за беспилотни летала во градот Миколаив, како и врз инфраструктурни објекти во дистрибутивниот центар на царинскиот терминал во пристаништето Чорноморск, во јужниот дел на Одеската Област.
Од Министерството наведоа дека инфраструктурата се користела „за потребите“ на украинската војска, како и дека биле погодени два брода за превоз на сув товар и еден реморкер што ги придружувал додека пловеле кон пристаништето во Одеса.
- Напади во Русија -
Министерството, исто така, соопшти дека системите за противвоздушна одбрана собориле 448 украински беспилотни летала во текот на ноќта над 13 региони, како и над Црното Море, Азовското Море и Крим, кој Москва незаконски го анектираше во 2014 година.
Во пограничниот регион Воронеж, гувернерот Александар Гусев изјави дека едно лице загинало, а две се повредени откако беспилотно летало паднало врз приватна куќа во градот Борисоглебск.
„Силите за противвоздушна одбрана открија и уништија 19 беспилотни летала над шест окрузи и еден урбан округ во регионот Воронеж“, рече Гусев.
Оперативниот штаб на Краснодарскиот Крај доцна синоќа соопшти дека осум лица се повредени во напад со беспилотно летало врз крајбрежна зона во одморалиштето Сочи.
Украинските власти сè уште не даваат коментар за нападите, иако во последните месеци и Москва и Киев сè почесто ги напаѓаат логистичките центри, како и пристанишната и енергетската инфраструктура на спротивната страна.
Двете страни негираат дека намерно гаѓаат цивилна инфраструктура, тврдејќи дека нивните напади се насочени кон воени цели или објекти поврзани со воени активности.
Претходно вчера Дмитриј Артјухов, шеф на Јамало-ненецкиот автономен округ, изјави дека во нападот со беспилотно летало е предизвикан пожар во неидентификуван индустриски објект во градот Нови Уренгој, при што нема жртви.
Силите за специјални операции (ССО) на Украина тврдат дека погодиле два објекта за преработка на гасен кондензат во регионот на Западен Сибир, што претставува напад извршен најдлабоко во внатрешноста на Русија. ССО тврдат дека нивните беспилотни летала минале повеќе од 3.000 километри.
Независната потврда на овие тврдења е тешка поради тековната војна.