Mücahit Aydemir
06 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израел соопшти дека следниот месец повторно ќе ја отвори својата Канцеларија за економски и трговски прашања во Туркије (Турција), откако односите меѓу двете земји почнаа да се подобруваат, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Повторното отворање на канцеларијата на економското аташе ја одразува посветеноста на Израел за продлабочување на економските врски со Туркије“, изјави израелската министерка за економија, Орна Барбиваи.
„Имаме намера наскоро да промовираме заедничка економска конференција меѓу земјите, по повеќе од една деценија“, додаде таа.
Охад Кохен, раководител на Одделот за надворешна трговија во Министерството за економија, рече дека Туркије е значајна економија за надворешната трговија на Израел.
„Денешниот извоз во Туркије е концентриран и има голем потенцијал за проширување. Потенцијал својствен за соработка, за доброто на двете земји“, рече тој.
Кохен истакна дека од повторното отворање на економската канцеларија ќе имаат корист околу 1.540 израелски компании кои извезуваат на турскиот пазар.
Тел Авив и Анкара почнаа да преземаат чекори за подобрување на нивните односи кои се распаднаа откако израелските сили упаднаа во флотилата за Газа која носеше хуманитарна помош за Палестинците, која ја проби долгогодишната израелска блокада на палестинската територија. Инцидентот резултира со смрт на 9 турски активисти.
Според израелските податоци, Туркије е четвртиот најважен трговски партнер за израелската економија.
Израел и Туркије потпишаа договор за слободна трговија во 1997 година.