Ekip
30 Мај 2022•Ажурирај: 30 Мај 2022
БРИСЕЛ (АА) - Лидерите на земјите членки на Европска Унија (ЕУ) денес и утре ќе се состанат во Брисел каде на вонреден самит ќе разговараат за ситуацијата во Украина која е погодена од војна и за последиците што војната ги предизвика во Европа, известува Агенција Анадолија (АА).
Лидерите на државите и владите на 27-те земји членки ќе го започнат состанокот со разговор за најновите случувања во Украина и напорите на блокот да и помогне на земјата соочена со руската агресија.
Лидерите ќе го оценат најновиот предлог на Европската комисија за давање дополнителни девет милијарди евра за макрофинансиска помош на Украина за покривање на нејзините моментални потреби.
На состанокот се очекува да се даде проценка и за иднината на замрзнатиот руски имот откако извршното тело на ЕУ мината среда го претстави нацрт-пакетот кој овозможува да се одземе имотот на олигарсите кои ги кршат санкциите на ЕУ.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, исто така, претходно сугерираше замрзнатиот имот на Русија да се користи за обнова на Украина, ако тоа е законски можно.
На лидерите на државите на ЕУ по пат на видео порака ќе им се обрати и украинскиот претседател Владимир Зеленски.
Русија нападот врз Украина го започна на 24 февруари и ја доведе во прашање безбедноста на снабдувањето со храна, предизвикувајќи големо покачување на цените на енергијата.
Европската Унија досега воведе пет пакети на санкции против Русија, а шестиот пакет би требало да вклучува и ембарго на руската нафта. Сѐ уште нема полн консензус за начинот како да се имплементира такво ембарго, а Унгарија веќе побара да биде изземена од забраната за увоз на руска нафта.
На вториот ден од самитот, челниците на ЕУ ќе разговараат за одговорот на блокот на глобалниот недостиг на храна, до кој дојде поради војната во Украина, вклучително и плановите за транспорт на украински житарки по пат на Црното Море.
ЕУ во март го усвои Стратешкиот компас, визијата на одбранбениот развој. Тоа е документот кој би требало да донесе јасни политички и стратешки насоки за пристапот на ЕУ кон безбедноста и одбраната во следните пет до десет години.