Eşref Musa,Ömer Koparan
12 Ноември 2020•Ажурирај: 13 Ноември 2020
ТЕЛ АБЈАД (АА) - ЕШРЕФ МУСА -
Претседателот на племенските заедници во Тел Абјад во регионот на операцијата „Извор на мирот“, Хамид ет-Тухри, изјави дека пречка за враќање на народот во Сирија е режимот на Башар ал Асад и неговите приврзаници.
Тухри, претседателот на чадор-организација на племињата во областа Тел Абјад, која е расчистена од терористичката организација ЈПГ/ПКК, за Агенција Анадолија (АА) ја оцени конференцијата за враќање на бегалците што се одржа во главниот град Дамаск под покровителство на Русија.
Наведувајќи дека вистинската причина за раселувањето на милиони цивили во Сирија и миграцијата во странство е режимот на Асад, Тухри рече: „Уште од почетокот на востанието во Сирија видовме дека нема доверба во режимот на Асад. Како може да зборуваме за безбедно враќање на цивилите кога во земјата сè уште се наоѓаат иранските милиции и руските платеници кои беа причина [цивилите] да ги напуштат своите домови.“
Тухри истакна дека цивилите сѐ уште се систематски напаѓани во Идлиб и дека тие мора да бегаат од смрт и да ги напуштат своите домови.
Исто така изјави дека главната цел на оваа конференција е режимот на Асад кој го изгуби својот „легитимитет“ повторно да биде меѓународен соговорник. Додека втората цел, според Тухри, е да се обезбеди фонд за реконструкција.
„Режимот на Асад е извор на терор во Сирија. Тој е главната и единствена причина за миграциите“, додаде Тухри.
Тој посочи дека безбедно враќање на бегалците може да се постигне само со распаѓање на режимот на Асад и неговите безбедносни институции.
„Турција, САД и европските земји знаат дека за враќање назад треба да има стабилност и институциите треба да можат да работат. Ништо од тоа не може да се случи сѐ додека режимот на Асад постои“, додаде Тухри.
Таканаречената меѓународна конференција, спонзорирана од Русија, што започна вчера во Дамаск, ќе заврши денеска.
Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) не учествуваат на конференцијата, тврдејќи дека не се создадени безбедносни мерки во согласност со меѓународното право за почеток на враќањето во Сирија.
Според информациите во режимските медиуми, претставници на конференцијата имаат Русија, Иран, Кина, Либан, Обединетите Арапски Емирати, Пакистан и Оман.