ТАШКЕНТ (АА) - Дури и откако Соединетите Американски Држави (САД) ja повторија својата резервираност за купувањето на рускиот ракетен систем „С-400“ од страна на Турција и Индија, индиските и пакистанските воени експерти сметаат дека тоа е најдобриот достапен систем за воздушна одбрана во светот.
Тие се на ставот дека постоечките американски алтернативи во моментов не можат да се споредат со овој тестиран руски систем.
Поранешниот заменик-началник на Индиските воздухопловни сили, Капил Как, и поранешниот генерален директор на Пакистанската меѓуагенциска разузнавачка служба, генерал Ехсанул Хак, за Аnadolu Agency (AA) истакнаа дека обидите на САД за наметнување на своите интереси врз суверените земји ќе се покажат контрапродуктивни. И двајцата сметаат дека однесувањето на САД на некој начин е напад врз стратешката автономија на овие земји.
„Моето гледиште е дека Турција и Индија многу љубоморно ќе ја заштитат автономијата во нивното стратешко одлучување. Ќе им биде многу тешко да се усогласат со наложувањата на САД во врска со „С-400“. Американската администрација треба да најде дипломатско решение за ова прашање и да ги задржи своите политички и воени врски со Турција“, нагласи поранешниот шеф на Пакистанската меѓуагенциска разузнавачка служба, генерал Ехсанул Хак.
Американски владин претставник во понеделникот упати предупредување за купувањето на рускиот систем, во разговорот со индиски новинари во Вашингтон, пред најавената посета на американскиот државен секретар, Мајкл Помпео, на Њу Делхи, како дел од подготовките за средба на американскиот претседател, Доналд Трамп, и индискиот премиер, Нарендра Моди, на маргините од самитот на Г-20 во Јапонија кон крајот на оваа недела.
„Во однос на С-400, ги повикуваме сите наши сојузници и партнери, вклучувајќи ја и Индија, да се откажат од зделките со Русија, кои ризикуваат активирање на CAATSA (Актот за борба против соперниците на Америка преку санкции)... Ова е период кога ја охрабруваме Индија да разгледа други алтернативи“, истакнува официјалното лице, според јавувањата на индиските медиуми.
Пензионираниот вицемаршал на Индиските воздухопловни сили, Капил Как, кој командуваше со воените авиони и кој е вклучен во стратешкото планирање на Индија, истакна дека во однос на следењето и скенирањето на радарите, висинските параметри и подрачјето што може да го покрие, системот „С-400“ е најдобриот во светот. Тој рече дека понудата на САД за купување на американскиот противракетен одбранбен систем „Патриот“ не е алтернатива која ги задоволува нивните стратешки барања.
„Мојот став во однос на споредбата е дека „S-400“ е посупериорен од кој било друг систем, нека е тоа и американскиот „Патриот“. За „S-400“, точно знаеме што значи. Нo не сме сигурни кога Американците ни зборуваат за „Патриот“. Се користеше во Заливската војна и подоцна се надоградуваше. Но, што се однесува до конфигурациите, знаеме дека не е супериорен во однос на „S-400“. Не мислам дека тоа ќе ја интересира Турција или Индија“, истакна Как, кој беше и главен инструктор на Колеџот за одбранбени служби во Велингтон, Нов Зеланд.
- „Индија ослободена од санкции“ -
Капил Как нагласи дека со оглед на геополитичката реалност во регионот, Турските вооружени сили имаат потреба од купување на најдобриот одбранбен систем.
Експертите, тврдењето на САД дека купувањето ќе ја загрози конфигурацијата на нивната петта генерација авиони „Ф-35“, го окарактеризираа како неосновано. Как потсети дека како НАТО-сојузнички, Турција и САД се веќе обврзани кон Договорот за компатибилност и безбедност на комуникациите (COMCASA), кој ја осигурува американската воена опрема. Договорот, исто така, ја олеснува интероперабилноста помеѓу армиите и продажбата на најновата технологија. Индија, исто така, е потписник на овој договор во септември минатата година, по завршувањето на состанокот меѓу министрите за надворешни работи и одбрана на двете земји во Њу Делхи.
Как порача дека има значителна разлика меѓу Турција и Индија. Иако САД вршат притисок врз двете страни да се откажат од договорот, Как рече дека на крајот Њу Делхи може да успее да обезбеди американско отстапување. „Според мене, пристапот на САД кон Турција ќе биде многу пожилав отколку кон Индија, поради различните геополитички и регионални фактори“, рече Как.
„Нам, на највисоко ниво ни е кажано дека Индија ќе биде изземена. Индија нема да мора да ја плати цената во вид на економски санкции, ако продолжи со процесот на купување на рускиот ракетен систем. Но, сепак, сè уште не е толку јасно. Моето мислење е дека Индија внимателно го следи пристапот на Америка кон Турција. Но, чувствувам дека [Американците] ќе бидат великодушни кон Индија“, вели Как.
Тој рече дека како и на Турција, САД ѝ нудат алтернативи и на Индија. „Тие [Американците] исто така и нам ни ги нудат не само авионите „Ф-21“, кои се обновена верзија на „Ф-16“, туку нè уверуваат дека ќе постават своја производствена линија во Индија. Што значи, Индија може да стане извозник на овие авиони“, рече Как.
Поставувањето на производна линија е атрактивен предлог, со оглед на фактот што во светот има 4.000 „Ф-16“ и „Ф-21“. Но, кога се одлучуваше за францускиот авион „Рафал“, Индиските воздухопловни сили веќе го отфрлија американскиот договор за „Ф-16“. Во април 2015 година, Индија купи 36 француски борбени авиони „Рафал“, и ги отфрли американските и другите понуди.
За тоа дали американскиот пристап ќе влијае и врз Пакистан, кој е уште една сојузничка земја која не е членка на НАТО, Ехсанул Хак рече дека воените односи меѓу двете земји го изгубиле својот моментум.
„За среќа или за жал, статусот на воен сојузник што не е во рамките на НАТО не му пружи никаква корист на Пакистан. Воените односи помеѓу САД и Пакистан постепено го изгубија својот моментум. Во Пакистан скоро и да нема воени трансфери, дури и воените обуки се во застој. Како резултат на тоа, моќта на САД да направат што било во врска со пакистанските набавки во полето на одбраната од Русија е минимална“, рече тој.
news_share_descriptionsubscription_contact
