İlker Girit
19 Септември 2017•Ажурирај: 19 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Велика Британија, повеќе отколку на кое било друго место во Европа, луѓето читаат онлајн екстремистички материјали поврзани со групите како што е ДЕАШ, соопшти денес британскиот аналитички центар „Policy Exchange“ (Размена на политики), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во извештајот на центарот, со седиште во Лондон, се вели дека Велика Британија е петта земја во светот според публиката наклонета кон читање екстремистичка пропаганда.
Иако терористичката организација ДЕАШ ги губи своите физички упоришта во Ирак и во Сирија, групата „се покажува како приспособлива и издржлива“ на интернет, нагласија од аналитичкиот центар.
„Сепак, разговорот за 'пропаѓањето' на ДЕАШ во виртуелниот свет е преусилен“.
„Серијата терористички напади (во В. Британија) во првата половина на 2017 година потврдија дека џихадистичката радикализација е реална и присутна опасност за националната безбедност на Велика Британија и за нејзините сојузници“, се додава во извештајот.
„Policy Exchange“ исто така сугерираше британската Влада да преземе поголеми мерки против ширењето на радикалните материјали, бидејќи ДЕАШ „константно произведува онлајн екстремистички содржини кои се шират низ широк информативен екосистем“.
Истражувањето, исто така, откри дека терористите ги контактираат поддржувачите претежно преку „Telegram“ (онлајн-сервис за испраќање пораки) и споделува материјали низ вообичаените социјални медиуми, како што се „Твитер“ и „Фејсбук“.
Сепак, тинк-тенк организацијата тврди дека „треба да се стори нешто за исфрлање на тие содржини од социјалните мрежи. Јасно е дека статусот кво не функционрира, време е за нов пристап“.