Barry Eitel
13 Јуни 2018•Ажурирај: 14 Јуни 2018
САН ФРАНЦИСКО (АА) - Извршниот директор на „Тесла“ (Tesla), Елон Маск, најави дека компанијата ќе отпушти девет проценти од своите вработени, јавува Anadolu Agency (AA).
Маск рече дека потегот за намалување на бројот на работници е направен поради обидите во насока на намалување на трошоците и постигнување одржлива профитабилност.
Акциите на „Тесла“ пораснаа за 3,2 отсто по објавувањето на вестите за отпуштањата, а цените на акциите се затворија со 342,77 долари.
„Ги донесовме овие одлуки со процена на специфичните вештини и способности на секој поединец во компанијата“, напиша Маск во електронската пошта што ја добија сите вработени во „Тесла“.
Врз основа на податоците на компанијата, веројатно ќе бидат отпуштени околу 3.000 луѓе.
Инвеститорите ја притискаат компанијата да го забрза производството на својот „модел 3“, луксузен автомобил. Маск напомена дека намалувањето на бројот на вработени нема да влијае на обидот да се произведат повеќе автомобили од „моделот 3“.
Претходно овој месец, „Тесла“ на собранието на акционери соопшти дека производството на „моделот 3“ достигна 3.500 возила неделно. До крајот на јуни, компанијата сака да го зголеми производството на 6.000 неделно, за да ги покрие загубите на секој произведен автомобил.
Маск рече дека тежнеењето кон профитабилност, а со тоа и намалувањето на бројот на работни места, била тешка одлука на структурите што управуваат со „Тесла“.
„Со оглед на тоа што Тесла никогаш не остварила годишен профит за скоро 15 години постоење, профитот очигледно не е она што нè мотивира“, продолжи Маск, додавајќи:
„Она што нè придвижува е нашата мисија да ја забрзаме транзицијата на луѓето кон одржлива, чиста енергија, но ние никогаш нема да ја постигнеме таа мисија, освен ако на крајот не покажеме дека можеме да бидеме профитабилни“.
„Тесла“ е американска автомобилска компанија со седиште во Пало Алто, во сојузната држава Калифорнија, која произведува автомобили на електричен погон. Компанијата „Тесла“ вработува вкупно околу 37.000 луѓе.