Ruslan Rehimov
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
КИЕВ (АА) - Украинските власти соопштија дека се засилени нападите на руските сили во Мариупол и Донбас (Донецк и Луганск), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Руските сили ја засилиле офанзивата на Мариупол и Донбас, според информациите на украинските власти и државните институции.
Украинскиот Генералштаб соопшти дека руските војници се фокусирани на пробивање на одбраната од украинските војници во регионите Луганск и Доњецк и воспоставување целосна контрола над Мариупол.
Според официјални лица од Мариупол, објектите на металуршката фабрика „Азовстал“ во Мариупол биле бомбардирани во текот на целиот ден. Се тврди дека во објектите има околу 1.000 цивили, како и украински војници.
Командантот на баталјонот Азов, Денис Прокопенко, продолжувајќи го отпорот во Мариупол, објави видеопорака и им се обрати на светските лидери за спасување на цивилите од „Азовстал“.
Прокопенко рече дека стотици цивили, меѓу кои жени, деца и стари лица, чекаат да бидат спасени во засолништата.
Гувернерот на Луганск, Сергеј Гајдеј, изјави дека нападите на руските војници биле спречени од украинските војници во Рубижне и Попасна.
Гајдеј рече дека нападите се интензивирале и дека ситуацијата е отежната, но дека украинската Војска дава отпор.
Тој ги повика цивилите во Луганск итно да се преселат во безбедни области.
Гувернерот на Харков, Олех Синјехубов, изјави дека пет цивили биле убиени, а 17 повредени во нападите во изминатите 24 часа.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски изјави дека руските војници започнале војна за Донбас, за која се подготвувале долго време.