Ekipa
10 Мај 2022•Ажурирај: 11 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Украина нема да прави компромиси за територијалниот интегритет, порача пратеникот во украинскиот Парламент од редот на кримските Татари, Рустем Умеров.
„Донбас и Крим, незаконски анектирани од Русија, се нашите црвени линии“, рече Умеров во разговорот со Агенција Анадолија (АА).
Нагласувајќи дека тие го бранат својот територијален интегритет, тој рече: „Нема да се откажеме од нашиот народ или од нашата земја.“
„Ќе зборуваме за ситуацијата на татарската популација и другите хуманитарни прашања во Крим“, додаде тој, осврнувајќи се на украинскиот полуостров нелегално припоен од Русија во 2014 година, чин што некои Украинци го гледаат како увертира или прв чин на актуелната војна.
„Нема што да се разговара за статусот на Крим, дел од Украина, признат од меѓународното право и заедница.“
- Угнетувањето на Татарите на Крим -
Откако го презеде во 2014 година, Москва го претвори Кримскиот Полуостров, кој е дом на околу 350.000 Татари, во голема руска воена база со распоредување на вооружени системи, како и на 150.000 војници.
Турција и САД, како и Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), сметаат дека анексијата е нелегална.
Оттогаш, етничките Татари на Крим се соочуваат со „систематска кампања за угнетување и заплашување“, според зборовите на турското Министерство за надворешни работи, вклучувајќи забрана на нивното претставничко тело Меџлис, рации во домовите и масовни притворања и сузбивање на правото на собирање и протест, како и слобода на изразување.
Умеров, кој исто така е член на украинската делегација што преговара со Русија, рече дека неговата земја води жестока борба против Русија и на бојното поле и на преговарачката маса.
„Со започнувањето преговори со Русија, сакавме да му покажеме на светот дека сакаме војната да заврши“, рече тој, додавајќи дека преговорите се одвиваат во тешко опкружување.
„Тешките руски напади врз челичарницата Азовстал во опколената јужна провинција Мариупол ги закочија преговорите“, додаде Умеров.
Тој ја пофали поддршката на Анкара за Украина на многу полиња, вклучувајќи хуманитарни, политички и дипломатски.
„Поради поддршката на Турција, се чувствуваме посилни на преговарачката маса“, истакна Умеров.
Според проценките на Обединетите нации (ОН), досега во војната во Украина, што започна на 24 февруари, загинаа најмалку 3.381 цивил, а 3.680 се повредени. Се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 5,91 милион луѓе побегнале во други земји, со околу 7,7 милиони внатрешно раселени.