Qais Omar Darwesh Omar, Hacer Başer, Mücahit Aydemir
11 Мај 2022•Ажурирај: 12 Мај 2022
ЗАПАДЕН БРЕГ
Ширин Ебу Акиле, репортерката на телевизискиот канал „Ал Џезира“ со седиште во Катар, загина како резултат на оган отворен од израелски војници во бегалскиот камп „Џенин“ на окупираниот Западен Брег, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во писменото соопштение на палестинското Министерство за здравство се наведува дека репортерката Ширин Абу Акиле (51) починала во Џенин откако била тешко ранета во главата во огнот што го отвориле израелски војници со вистински куршуми.
Исто така, се нагласува дека локалниот новинар Али ес-Сумуди е повреден во грбот и дека неговата состојба е стабилна.
На снимките објавени на социјалните мрежи се гледа дека репортерката Акиле, облеана во крв и која на себе има заштитен челичен елек, се става во возило.
– Израелската армија започна истрага
Во писменото соопштение на Израелската армија се наведува дека е покрената истрага за инцидентот.
Се нагласува дека армиските сили „спроведоа антитерористички активности за фаќање осомничени терористи во бегалскиот камп „Џенин““ и дека за време на интервенцијата на израелските војници во кампот „десетици вооружени Палестинци отвориле оган врз израелските војници и фрлале експлозиви направи врз војниците“.
Меѓу другото, во соопштението се додава дека израелските војници возвратиле на вооружените напаѓачи и дека има застрелани.
„Армијата го истражува инцидентот и ја испитува можноста новинарите да биле застрелани од палестински вооружени лица“, се нагласува во соопштението на Израелската армија.
- Ширин беше теренска новинарка
Од друга страна, во веста на веб-страницата на „Ал Џезира“ се наведува дека Ширин Ебу Акиле е од првата генерација теренски новинари на каналот и дека долго време работи во регионот и ги снима нападите на Израел врз палестинскиот народ на окупираните територии.
Во веста се додава дека новинарката е родена во 1971 година во Ерусалим и дека дипломирала на Катедрата за новинарство и медиуми на Универзитетот „Јермук“ во Јордан.
Претходно настана инцидент меѓу Палестинците и израелските сили, кои упаднаа во градот Џенин за да приведат еден Палестинец.