Burak Bir
27 Март 2020•Ажурирај: 27 Март 2020
АНКАРА
Пандемијата на коронавирусот можеби ја украде величенственоста од овогодинешниот настан „Час на планетата Земја“, но тоа не ги смири духовите на милиони љубители на природата во 180 земји, кои ќе го прослават овој настан утре, но на поразличен начин, јавува Агенција Анадолија (АА).
Настанот што во последните 12 години ги ангажираше луѓето и создаваше свест за Земјата и околината, оваа година ќе се одбележи на тој начин што луѓето ќе учествуваат онлајн од нивните домови за да покажат поддршка за планетата.
Започнат од Светскиот фонд за природата (WWF) - меѓународна невладина организација што се занимава со заштита и научно истражување и обнова на животната околина - како симболичен настан со гасење на светлата во Сиднеј во 2007 година, се претвори во главен катализатор за промовирање на движењето за заштита на животната средина. Доведе до законодавни промени во многу земји преку вистинската моќ на луѓето.
Секоја година последната сабота од месец март луѓето низ светот ги гасат светлата за да искажат поддршка за планетата.
Координаторката на кампањата „Час на планетата Земја“ во Светскиот фонд за природа во Австралија, Џасмин Леџер , за АА изјави дека настанот е започнат со цел да се почнат разговори за тоа што можат луѓето како индивидуи да направат за да помогнат во решавање на предизвиците на животната средина, во време кога сè уште постоеше скептицизам и негирање за прашањето за климатските промени.
„Гасењето на светлата беше избрано како лесна и достапна опција и дејство коешто речиси секој може да го стори“, изјави таа.
Покрај гасењето на светлата, луѓето симболично искажуваат посветеност кон ова прашање.
„Климатските промени предизвикуваат загуба на биолошката разновидност, вклучувајќи и загуба на зелени подрачја поради сушата, затоплување на океаните, белење на коралите и загуба на храна. Исто така, загубата на биодиверзитетот ги влошува влијанијата на климатските промени“, рече координаторката на Светскиот фонд за природа (WWF).
Таа рече дека климатските промени и загубата на биолошката разновидност се две сериозни закани со кои се соочува светот.
Леџер нагласи дека доколку сегашните закани по животната средина продолжат без да се избориме со нив, животот ќе исчезне, бидејќи на сите нас ни се потребни воздухот, водата, храната и природата. Таа предложи луѓето да преземат итни чекори за да се спречат заканите за климата и биодиверзитетот.
Но, како и многу други настани поврзани со спортот, културата и економијата, Ковид-19 ја скрати и магијата од настанот „Час на планетата Земја“.
- Организиран дигитален пренос во живо
Со оглед на тоа што луѓето низ светот се наоѓаат во домашен карантин, тимот за организација на „Час на планетата Земја“ ги повика луѓето да го одбележат настанот во виртуелниот свет, наместо со организирање јавни настани, заради безбедност и зачувување на здравјето.
Леџер изјави дека волонтерите и луѓето низ светот ќе го гледаат настанот во дигитална форма од нивните домови.
„Во Австралија, ќе обезбедиме дигитален пренос во живо. Ќе има настапи на музичари, комичари и други специјални гости од нивните домови на дигитални платформи. Луѓето низ светот ќе можат да се вклучат во живо во 20:30 часот по австралиско време, односно 09:30 часот по Гринич.“
Иако јавните настани се откажани, таа рече дека иконските места во Австралија како мостот „Сиднеј Харбор“, Оперската куќа „Сиднеј“, Лунапаркот, Тркалото на Бризбејн, Тркалото за набудување на ѕвездите во Мелбурн и Белата кула во Перт ќе ги исклучат нивните светла.
„Преносот #EarthHourLive ќе може да се гледа на јутуб-каналот, на Фејсбук и на инстаграм-профилите на Светскиот фонд за природа и на страницата earthhour.org.au/earth-hour-live“, додаде таа.
Таа рече дека останувањето дома како последица на коронавирусот не значи дека треба да се заборави „Часот на планетата Земја“ и обврските кон неа.
„Поврзаноста со заедницата и барањето позитивни начини на кои луѓето можат да придонесат е сега поважно од кога било, бидејќи светот се бори со кризата од Ковид-19“, изјави координаторката на Светскиот фонд за природа.