Sayed Khodaiberdi Sadat
27 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
КАБУЛ
Претседателот на Авганистан, Ешреф Гани, објави дека донел одлука за ослободување на 10.000 осуденици поради зголемувањето на бројот на детектирани случаи од новиот тип коронавирус во земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот директор на затворите во Авганистан, Ахмад Рашид Тотахил, одржа прес-конференција на која информираше дека како превенција поради заканите од епидемијата на Ковид-19 донесена е одлука за ослободување на 10.000 осуденици.
Тотахил изјави дека одлуката се однесува за лица над 55 години, деца, жени и тешко болни лица, додавајќи дека донесената одлука не се однесува на затворениците кои претставуваат закана за внатрешната и надворешната безбедност на земјата.
Тотахил рече дека се очекува ослободувањето на осудениците да започне во наредните 10 дена.
- Над 90 заразени
Во Авганистан детектирани се 90 случаи на заразени со Ковид-19, а досега се регистрирани 3 смртни случаи.
Поради опасноста од зголемување на епидемијата, воведена е забрана за излегување на улица во провинциите Херат, Фарах и Нимруз, кои се наоѓаат на границата со Иран.
Зголемени се преземените превентивни мерки во земјата, а започнато е и со дезинфекција во сите градови.
Поставувајќи здравствени работници на влезовите и излезите од градовите, се контролираат сите патници.
Со зголемувањето на бројот на заразени лица од Ковид-19, во Авганистан се затворени сите училишта, универзитети, верски училишта, а откажани се и сите национални прослави и спортски натпревари.
Во рамките на мерките против Ковид-19, работното време е намалено од 8 на 5 часа.