Sayed Khodaiberdi Sadat
12 Август 2021•Ажурирај: 13 Август 2021
КАБУЛ
Абдулах Абдулах, претседателот на Врховниот совет на Авганистан за национално помирување, истакна дека сѐ уште нема напредок во мировниот процес, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Абдулах за време на состанокот со претставници на странски земји во Доха, главниот град на Катар, нагласи дека сегашната ситуација во земјата е сериозна и критична.
Наведувајќи дека постојат потенцијални закани за Авганистан, Абдулах рече дека за Авганистан да излезе од сегашната ситуација, двете страни треба да ги напуштат конфликтите и да бараат политички консензус.
Абдулах исто така посочи дека во последните месеци не е постигнат напредок во мировниот процес во Авганистан поради несериозноста на Талибанците.
Истакнувајќи дека Талибанците немаат политичка волја за помирување, Абдулах рече дека не се сериозни во врска со постигнувањето мир.
„Талибанците, доколку сакаат да ја добијат довербата од авганистанскиот народ и Владата, треба да ги прекинат нападите врз големите градови“, нагласи Абдулах.
Од друга страна, претседателот на Врховниот совет за национално помирување на Авганистан, Абдулах, за авганистанскиот мировен процес разговараше со претставници на голем број земји, на чело со специјалниот претставник на САД за Авганистан, Залмај Халилзад.
- Талибан се насочи кон северните покраини
По одлуката на САД да ги повлечат своите воени сили од Авганистан, Талибанците, чии напади го достигнаа својот врв, еден по еден ги заземаат центрите на северните покраини кои обезбедуваат врска на земјата со Централна Азија.
Според Договорот од Доха потпишан меѓу САД и Талибанците, Талибанците нема да ги нападнат покраинските центри пред последниот датум на повлекување на силите на НАТО, 11 септември 2021 година.
Но, Талибанците се насочија кон покраинските центри, а како причина ги наведоа американските воздушни напади.
Во последните седум дена, Талибанците од авганистанските владини сили презедоа вкупно девет покраински центри, еден на југозапад, еден на запад и седум на север и североисток од земјата.
Авганистанската Влада сѐ уште контролира 25 од 34 покраински центри.