Islam Uddin
13 Април 2023•Ажурирај: 18 Април 2023
АНКАРА (АА) - Австралиската држава Нов Јужен Велс во четвртокот го потврди првиот смртен случај од тетанус во последните 30 години, соопштија локалните власти, пренесува Анадолу.
Здравствените власти (НСВ Хелт) во најнаселената австралиска држава, која го вклучува и Сиднеј, соопштија дека оваа година досега се пријавени три случаи на тетанус.
„За жал, можеме да потврдиме дека жена во 80-ти години од Сиднеј почина на 1 април од тетанус. НСВ Хелт им изразува искрено сочувство на нејзините најблиски“, наведе НСВ Хелт во својата објава на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.
Уште две лица на 70 и 80-годишна возраст заболеле од тетанус, кои исто така се од Нов Јужен Велс.
Ова се први случаи на тетанус пријавени во оваа австралиска држава од 2019 година, а прв смртен случај од 1993 година.
Тетанус е болест предизвикана од бактерија што се наоѓа во почвата. Бактериите можат да влезат во човечките рани на кожата и да предизвикаат токсин што го напаѓа нервниот систем на лицето. Болеста се шири од лице на лице.
Здравствените власти на Нов Јужен Велс го повикаа локалното население, особено постарите жители на Австралија, да се вакцинираат против тетанус.
Д-р Кристин Селви, директорка на Одделението за заразни болести, изјави дека оваа болест во Австралија, главно, се јавува кај постари лица, обично кај жените што не се соодветно имунизирани.
„Тетанус е ретка, но потенцијално смртоносна болест. Вакцината е најдобра заштита од тетанус“, рече д-р Селви.