Aşkın Kıyağan
19 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
ВИЕНА (АА) - Според Извештајот на Иницијативата за образование без дискриминација (IDB), која врши активности против какви било дискриминации во образовниот систем на Австрија, во 2017 во оваа земја е забележан пораст од 268 отсто случаи на дискриминација, во споредба со претходната година, пренесува Anadolu Agency (AA).
Иницијативата за образование без дискриминација одржа прес-конференција во која го претстави Извештајот за дискриминација во образовниот систем на Австрија во 2017 година, кој содржи мислења на експерти, изјави на жртвите на дискриминација, како и примери од правните процеси во оваа насока.
Во Извештајот се вели дека минатата година се регистрирани 147 случаи на дискриминација, бројка која во 2016 година била 47, односно, тоа значи дека е забележан сериозен пораст од 268 отсто.
Исто така, во Извештајот се обрнува внимание и на различните причини за дискриминација, меѓу кои антиисламизмот се наоѓа на прво место, со 50 отсто, по кој следуваат дискриминацијата врз основа на етничкото потекло, со 40 отсто, врз основа на инвалидитет со 6 отсто, и антисемитизмот со 1,1 отсто.
Со стапка од 52 отсто, жените се полот кој е најмногу изложен на дискриминација. Се вели дека лицата кои се изложени на дискриминација претежно не сакаат да го споделат тоа лошо искуство. Само во австрискиот главен град Виена, се случиле 46 отсто од случаите на дискриминација.
Претседателката на Иницијативата за образование без дискриминација, д-р Соња Зафрани, осврнувајќи се на Извештајот за кој станува збор, истакна дека еднаквото третирање и еднаквата можност за образование во образовниот систем е законско право за сите.
„Наставниците кои се назначени од страна на државата, треба да бидат непристрасни кон своите ученици, но овој извештај покажува дека голем број наставници вршат дискриминација, покажувајќи пристрасен став поради вероисповедта и мислењето на учениците“, рече Зафрани.
Таа нагласи дека голем број видови дискриминација како расизмот, антиисламизмот, антисемитизмот и сексизмот, се учат во училиштата.
Џени Симанович, од оваа Иницијатива, нагласи дека исламофобијата се наоѓа на прво место како дискриминација. Симанович сподели искуство на една ученичка, ќерка на една Австријка која го прифатила исламот, и рече дека директорот на училиштето не сакал да го прифати девојчето во училиште. Симанович раскажа и неколку други случаи на дискриминација поради вероисповедта.
Марлес Парчмент, една од портпаролите на Иницијативата за образование без дискриминација, пренесе некои примери на дискриминација врз основа на етничка припадност, и рече дека некои ученици кои зборувале на турски јазик, биле навредени од наставник. Исто така, рече Парчмент, еден ученик од Авганистан бил понижуван од страна на неговиот наставник поради неговото потекло и земјата од која дошол.
Во Извештајот се наоѓа Мапа на патот од 10 точки за борба против дискриминацијата во образовниот систем, каде се наведува дека е потребно да се формираат центри кои треба да бидат независни од образовните установи и нивните претставници, во кои ќе можат да се упатат оние ученици кои се изложени на дискриминација, за на тој начин да им биде полесно да ги пренесат своите лоши искуства.
Во овој извештај се препорачува да се ангажираат педагози во секое училиште против дискриминација, како и да се реализираат активности за информирање на учениците околу разни теми како дискриминација, расизам, антиисламизам и анти-семитизам.
Се истакнува дека треба да се зголеми и бројот на наставници и други вработени од различна етничка и верска припадност.