АНКАРА (АА) - Стокхолмскиот Институт за истражување на меѓународниот мир (SIPRI) предупреди дека минатата година во светот дошло до зголемување на активностите за модернизација на нуклеарното оружје, а намалување на мировните сили во зоните на вооружени судири, јавува Anadolu Agency (AA).
Во годишниот Извештај на СИПРИ за нуклеарните сили, се вели дека Соединетите Американски Држави (САД), Русија, Велика Британија, Франција, Кина, Индија, Пакистан, Израел и Северна Кореја, во почетокот на минатата година заедно поседувале вкупно 14.935 парчиња нуклеарно оружје, а дека овој број до почетокот на оваа година е намален на 14.465.
Намалувањето на бројот на боеви глави е резултат на намалувањето на инвентарот на САД и Русија, кои заедно поседуваат 92 отсто од светскиот арсенал на нуклеарно оружје.
САД го намалија бројот на нуклеарно оружје, од 6.800 на 6.450, а Русија, од 7.000 на 6.850 парчиња.
За разлика од двете нуклеарни сили, Кина, Индија и Пакистан, во текот на изминатата година го зголемија нуклеарниот арсенал за по 10 парчиња, Кина има 280, Индија 120 - 130 и Пакистан 140 - 150 парчиња нуклеарно оружје.
Велика Британија, Франција, Израел и Северна Кореја го задржаа нуклеарниот арсенал кој го имаа и на почетокот од минатата година. Обединетото Кралство има 215 парчиња нуклеарно оружје, Франција 300, Израел 80 и Северна Кореја помеѓу 10 и 20 парчиња.
Во Извештајот на Стокхолмскиот Институт за истражување на меѓународниот мир (SIPRI), исто така, се наведува дека најголемите нуклеарни сили, САД и Русија, продолжиле со програмата за модернизација на своите атомски бомби, ракети-носачи на боеви глави, ракетни системи и комплекси за производство на овој вид оружје.
Останатите седум нуклеарни сили соопштија дека работат на модернизација на своето нуклеарно оружје или дека тоа го планираат во иднина.
Индија и Пакистан развиваат нови копнени, поморски и воздушни ракетни системи, исто како и Кина, која го модернизира и збогатува својот нуклеарен инвентар.
Експертите на СИПРИ и понатаму тврдат дека и Северна Кореја во текот на изминатата година има направено технички подобрувања, кога станува збор за зајакнувањето на сопствената нуклеарна моќ, а посебно се истакнува неочекуваниот напредок во развојот на балистичките системи, кои биле тестирани во два наврата.
Извештајот укажува и на намалувањето на бројот на мировните сили во зоните на судири во кои тие сили се сè повеќе потребни.
Во текот на минатата година во светот се извршени вкупно 63 мултилатерални мировни операции, и тоа 25 во Африка, 18 во Европа, 9 во Блискиот Исток, 6 во Азија и 5 такви операции во Америка.
Бројот на мировници во глобалните мисии минатата година беше намален за 4,5 отсто. Во текот на 2016 година во зоните на судири во светот беа распоредени 152.822 припадници на мировните сили, а минатата година оваа задача ја извршуваа 145.911 од нив. Во Африка, ангажирани се три четвртини од мировниците.
Бројот на мировници на Обединетите нации минатата година беше намален за 7,6 отсто од претходната година. Мировните сили на организациите надвор од ОН го зголемија бројот на мировните сили за 2,3 отсто.
ОН сè уште играат голема улога во мировните мисии во светот, но локалните актери во Африка ја зајакнуваат својата улога во воспоставувањето на безбедноста и стабилноста на континентот.
Во Извештајот уште се наведува дека во мировните мисии минатата година загинаа 61 припадници на силите под покровителство на ОН, што е речиси двојно повеќе во споредба со претходната година.
news_share_descriptionsubscription_contact
