Ceyhun Alizade
27 Јануари 2023•Ажурирај: 28 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев најостро го осуди и го нарече терористички чин нападот во Амбасадата на Азербејџан во Техеран, во кој загина еден чувар на Амбасадата, а двајца беа ранети, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Алиев побара што поскоро да се истражи „терористичкиот чин“ и да се казнат терористите.
„Терористички напади врз дипломатски претставништва се неприфатливи!“, напиша тој на Твитер.
Азербејџанскиот претседател изрази длабоко сочувство до семејството и роднините на поручникот Орхан Асгаров, кој го изгуби животот додека ја штитеше Амбасадата и нејзиниот персонал.
Вооружен напаѓач утрово ја нападна Амбасадата на Азербејџан во Техеран со автоматско оружје, соопштија официјални претставници.
Инцидентот се случи околу 8:30 часот по локално време кога вооружен маж отвори оган кон чуварите на Амбасадата во северен Техеран, соопштија локални извори.
„Напаѓачот веднаш е уапсен од безбедносните сили“, изјави началникот на полицијата во Техеран, Хусеин Рахими, за медиумите на местото на нападот, потврдувајќи ја смртта на едно лице.