Kasım İleri
25 Јануари 2023•Ажурирај: 26 Јануари 2023
ВАШИНГТОН (АА) – Неименуван американски претставник за Агенција Анадолија изјави дека американскиот претседател Џо Бајден утре или во наредните неколку дена ќе соопшти дека Соединетите Американски Држави (САД) во Украина ќе испратат тенкови „М1 Абрамс“.
„Претседателот Бајден ќе објави дека ќе испорача тенкови „М1 Абрамс“ во Украина“, рече изворот и додаде дека пакетот што ќе биде објавен може да вклучува тенковска единица, односно контингент од 30 до 50 тенка.
Овој чекор на администрацијата во Вашингтон доаѓа откако Германија се двоумеше да испорача тенкови „Леопард“ во Украина, и сè уште официјално ја нема одобрено испораката на тенкови од германско производство на украинската војска.
Обраќајќи им се на новинарите во текот на денот, американските официјални претставници изјавија дека Вашингтон е склон да испорача тенкови на Украина во рамките на дипломатскиот договор со Германија.
Според тоа, САД ќе испорачаат на Украина тенкови „М1 Абрамс“ во замена за тоа што Германија на Украина и Полска ќе треба да им ги отстапи тенковите „Леопард“ од сопствениот инвентар и да одобри согласност на други држави да понудат тенкови од германско производство на Украина.
Американската администрација тврдеше дека во оваа фаза не е соодветно на Украина да ѝ се дадат тенкови „Абрамс“, повикувајќи се на скапото одржување и обуката.
Меѓутоа, официјалните претставници кои разговараа со американските медиуми сугерираа дека ставот на Вашингтон се променил во телефонскиот разговор на 17 јануари меѓу Бајден и германскиот канцелар Олаф Шолц.