Mustafa Melih Ahıshalı
16 Декември 2019•Ажурирај: 17 Декември 2019
ИСТАНБУЛ - Меѓународната организација „Амнести интернешнал“ (Amnesty International) објави дека на протестите во Иран, организирани поради покачувањето на цената на бензинот, животот го загубиле најмалку 304 лица, од кои 12 се деца, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението што го објави меѓународната организација се отстапува место за изјавите на Филип Лутер, директорот на Организацијата за истражување и одбрана за подрачјето на Блискиот Исток и Северна Африка.
Лутер во извештајот наведува „Режимот на Иран, од страв да не излезе на виделина дека стотици лица се убиени во протестите организирани на ниво на целата држава и за да се спречи очевидците да дадат изјави, започна да спроведува притисоци со цел да рашири страв во земјата. Наместо да продолжи оваа сурова кампања на притисоци, потребно е иранската власт веднаш и безусловно да ги ослободи лицата кои произволно беа уапсени.“
Во соопштението на „Амнести интернешнал“ се наведува дека за време на протестите организирани во целата земја поради покачувањето на цената на бензинот, животот го загубиле 304 лица, од кои 12 се деца, и се потенцира: „Иранските безбедносни сили пукаа врз невооружените демонстранти кои не претставуваа закана, при што може да се каже дека поголемиот дел од смртните случаи настанале поради истрелите на безбедносните сили кои нишанеле во главата, срцето, вратот или во други витални органи на демонстрантите.“
Во соопштението се нагласува дека илјадници лица се приведени, и дека меѓу големиот број измачувани лица се наоѓаат и деца на возраст под 15 години. Се додава дека приведените се држат затворени во воени училишта или касарни.
„Амнести интернешнал“ во последното соопштение објавено на 2 декември имаше објавено дека бројот на загинати за време на протестите во Иран е 208.
Во споменатото соопштение се тврдеше дека преку видеоснимки, изјави на очевидци и „доверливи информации“, добиени од активисти од странство, јасно е дека демонстрантите биле убиени од страна на безбедносните сили.
- Иран ги негира изјавите во врска со бројот на загинатите демонстранти -
Џемал Орф, заменик-министерот за внатрешни работи на Иран, тврдеше дека не се точни наводите на „Амнести интернешнал“ во врска со бројот на загинати демонстранти.
Иранскиот заменик-министер имаше соопштено дека прикажаниот број на загинати не соодветствува со реалниот, додавајќи дека бројот на загинати ќе биде објавен од страна на иранското Обвинителство.