Ali Eyvaz
08 Јануари 2019•Ажурирај: 09 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Лидерот на Партијата на национално движење (МХП), Девлет Бахчели, денес изрази поддршка за очекуваната турска воена операција во северниот сириски град Мунбич, јавува Anadolu Agency (AA).
„Партијата за национално движење ја поддржува Владата во нејзината легитимна борба против тероризмот. Мунбич треба да се спаси од угнетувањето“, изјави Бахчели на парламентарната група на неговата партија.
Тој нагласи дека луѓето во регионот источно од реката Еуфрат треба да бидат заштитени од терористите на ЈПГ/ПКК.
Рече дека борбата на Турција против тероризмот во Сирија е правилна, легитимна и законита.
„Што и да направат САД, без разлика што ќе кажат, Турција треба да влезе во регионот источно од реката Еуфрат за право, закон, опстанок и безбедност на угнетените и треба да стори сѐ што е неопходно“, изјави тој.
Бахчели, исто така ги критикуваше неодамнешните изјави на советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон, за Курдите во Сирија.
„Категорично го прашувам ова: Како независна и суверена земја, дали Турција ве прашува вас и вашите шефови што да прави? Каков вид на непочитување и несоодветно однесување е тоа?“, запраша Бахчели.
Во неделата Болтон изјави дека САД нема да ги повлечат трупите од североисточна Сирија, додека турската Влада не гарантира борба против ДЕАШ и дека нема да ги нападне курдските борци, осврнувајќи се на терористичката група ЈПГ/ПКК.
На 1 ноември, пред објавувањето дека силите на САД ќе ја напуштат Сирија, турските и американските војници започнаа заеднички патроли во Мунбич, како дел од Договорот фокусиран на повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК за стабилизирање на регионот.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, одговорна е за смртта на речиси 40.000 луѓе, меѓу кои и жени и деца.
Трамп во декември изненадно соопшти дека САД ќе ги повлечат своите војници од Сирија. Неговата одлука следуваше набргу по телефонскиот разговор со турскиот претседател Ердоган во кој двајцата лидери се согласија за потребата од поефикасна координација во Сирија.