Gökhan Kavak
08 Јануари 2019•Ажурирај: 10 Јануари 2019
АБУЏА (АА) - Во североисточниот дел на Нигерија, во подрачјето на сојузната држава Борно, милитантите на терористичката организација Боко Харам изведоа напад врз две села, по кој во судирот што настана со единиците на безбедносните сили, убиени се најмалку 50 припадници на терористичката организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Бабангида Ибрахим, припадник на локалното население, за АА изјави „Милитанти за кои се смета дека се поврзани со Ебубекир Шекау, синоќа ги нападнаа местата Аџилари и Ауно во Маидугури, но нападот беше одбиен.“
Во продолжение Ибрахим истакна „Наспроти припадниците на терористичката организација се наоѓаа припадниците на копнените сили на нигериската војска, кои беа поддржани и од воздухопловните сили. Во судирот до кој дојде убиени се најмалку 50 припадници на организацијата, а оружјето е запленето.“
Во соопштението што синоќа го објави нигериската војска, во операциите спроведени во сојузните држави Борно и Јобе, неутрализирани се повеќе од 10 припадници на терористичката организација.
Боко Харам своите активности ги започна во првите години по 2000 година, а од 2009 година започна да спроведува акции на масовно насилство, откако нејзиниот лидер Мухаммед Јусуф под неразјаснети услови почина во притвор. Во судирите со терористите на Боко Харам, не само во Нигерија, туку и во Чад, Нигер и Камерун, досега се убиени повеќе од 20.000 луѓе, додека околу 2,3 милиони се раселени. Само во нападите што организацијата ги изведе во подрачјето на сливот на езерото Чад, животот го загубија најмалку 2.000 лица.