Ata Ufuk Şeker
18 Јануари 2017•Ажурирај: 18 Јануари 2017
ДАВОС (АА) - Американскиот потпретседател Џо Бајден во своето обраќање на 47. Светски економски форум (WEF) што се одржува во Давос, Швајцарија, ја обвини Русија дека се обидува да го наруши светски поредок, јавува Anadolu Agency (AA).
„Потпретседател сум на САД уште 48 часа, на крајот можам да го кажам она што навистина го мислам“, рече Бајден во таа пригода.
Бајден говореше за општата состојба во светот во 2017 година.
„Предизвиците со кои се соочуваме и изборите што како меѓународна заедница мораме да ги направиме, не зависат само од раководството во Вашингтон. Било да се зајакнат врските меѓу нас, или да се распаднеме под моментален притисок, тоа се одлуки што мора да ги донесе секој народ“, смета Бајден.
Американскиот потпретседател Бајден истакна дека од глобализацијата и од новите технологии имаат корист милиони луѓе, но дека треба да се разговара за економските трендови што поттикнуваат социјални немири.
Тој истакна дека е потребно да се формира напреден даночнен систем што ќе биде фер.
Исто така, Бајден рече дека Русија настојува да го сруши либералниот меѓународен поредок, дека треба да се бориме против агресивниот став на Русија, како и дека треба да се биде поддршка на Европската Унија (ЕУ) и на НАТО.
На форумот, кој се одржува до 20 јануари присуствуваат над 3.000 политичари, бизнисмени, академици и претставници на невладини организации од над 100 земји. Фокусот е ставен на зајакнување на глобалната соработка, заживување на економскиот раст и други економски прашања.