Michael Hernandez
06 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Тројца неименувани високи претставници на Белата куќа доцна синоќа потврдиja дека американскиот претседател, Доналд Трамп, има намера да го прогласи Ерусалим за главен град на Израел и да ја премести американската амбасада од Тел Авив во Ерусалим, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп наскоро ќе му нареди на Стејт департментот да започне подготовки за преместување на амбасадата во Ерусалим, но тој процес би можел да потрае со години, рекоа неименувани претставници.
Од Белата куќа синоќа најавија дека Трамп денес ќе ѝ се обрати на јавноста и ќе ја соопшти својата одлука во врска со Ерусалим.
„Потребно е време за да се пронајде локацијата на идната амбасада, да се исполнат безбедносните и други аспекти. Изградбата и отворањето на новата амбасада не е работа којашто може веднаш да се заврши“, изјави претставник на Белата куќа.
Белата куќа тврди дека планот на Трамп е во согласност со историската вистина, а никако во спротивност со меѓународните норми.
Планот на Трамп веќе предизвика остри реакции од меѓународната заедница, а особено од исламскиот свет.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера предупреди дека овој потег на САД би имал низа тешки последици затоа што Ерусалим е црвена линија за муслиманите.