Turgut Alp Boyraz,Eshat Fırat
06 Декември 2017•Ажурирај: 06 Декември 2017
ЕРУСАЛИМ (АА) - Со планот за прогласување на Ерусалим како главен град на Израел и преселување на американската амбасада од Тел Авив, американскиот претседател Доналд Трамп предизвика остри реакции кај меѓународната заедница, а особено земјите од исламскиот свет предупредуваат на фатални последици од таквиот чекор, јавува Anadolu Agency (AA).
Планот на Трамп го осудија и голем број меѓународни организации, вклучувајќи ја Организацијата за исламска соработка (ОИС), Арапската лига и Европската Унија, а ниту една земја, ниту организација досега не го поддржа тој план.
Меѓу најгласните противници на прогласувањето на Ерусалим за главен град на Израел е Турција, чиј претседател Реџеп Таип Ердоган вчера порача дека Ерусалим е црвена линија за муслиманите.
„Како актуелен претседател на ОИС, внимателно ќе го следам тој случај. Доколку дојде дo таков потег, ќе свикам самит на лидерите на ОИС во Истанбул, во рок од неколку дена. Тоа би можело да доведе и до прекин на нашите дипломатски односи со Израел“, порача Ердоган.
Турскиот претседател ги повика САД да не тргнуваат по опасен пат, бидејќи Ерусалим е многу важен за сите муслимани во светот и со тоа би го ставиле регионот во хаос.
„Такво нешто е невозможно, не можете да го сторите тоа. Светот стана целина и во таков свет не можете да се однесувате како ќе посакате, ниту можете да ги занемарите последиците што таквиот потег би ги предизвикал“, предупреди Ердоган.
И францускиот претседател Емануел Макрон изрази загриженост со најавата дека САД самостојно би можеле да го прогласат Ерусалим за израелска престолнина.
По тој повод, Макрон телефонски разговараше со Трамп и му рече дека статусот на Ерусалим мора да биде тема на палестинско-израелските мировни преговори.
Мароканскиот крал Мухамед VI упати порака до Трамп во којашто му укажува на загриженоста на целиот арапски свет поради најавените потези поврзани за промена на статусот на Ерусалим.
Во пораката се наведува дека таквиот потег би претставувал закана за безбедноста и стабилноста во поширокиот регион.
И премиерот на Ирак, Хајдар ал Абади порача дека планот на Трамп е неприфатлив и оти би имал катастрофални последици.
Јорданскиот крал Абдула телефонски разговараше со Трамп и му рече дека Ерусалим е клуч на безбедноста и стабилноста во светот, и го предупреди дека едностраното прогласување на тој град за главен на Израел, би имало сериозни последици.
Слично предупредување упатија и властите на Тунис, кои негодуваа.
И саудискиот крал Салман бин Абдулазиз телефонски разговараше со Трамп и предупреди дека со таквиот потег во Ерусалим, дополнително би се загрозил мировниот процес на Блискиот Исток.
Европската Унија исто така предупреди за можните тешки последици од избрзаните и еднострани промени на статусот на Ерусалим.
Официјалните лица на ЕУ упатија повик да се вложат поголеми напори за обновување на мировниот процес на Блискиот Исток и предупредија дека најавениот план на Трамп би можел дополнително да ја усложи ситуацијата во тој регион.
Арапската лига на повик на палестинскиот претседател Махмуд Абас одржа и вонредна седница, на којашто беше разгледано прашањето за најавениот план на Трамп. Официјален Вашингтон е предупреден да не си поигрува со иднината на Ерусалим и на целиот регион.