Ata Ufuk Şeker
10 Јануари 2019•Ажурирај: 11 Јануари 2019
БРИСЕЛ (АА) - Стотици возачи и претставници на транспортните фирми се собраа денес пред седиштето на ЕУ во Брисел и протестираат поради најавените нови регулативи, кои се однесуваат на работата на овој сектор, јавува Anadolu Agency (AA).
Протестите, на кои се собраа најмалку 500 демонстранти, ги започнаа синдикатите на возачите од Бугарија и Романија.
Демонстрантите се собраа на плоштадот „Шуман“, а потоа со протестен марш одржаа собири пред зградите на Европската комисија, Европскиот совет и Европскиот парламент.
„Сакаме легално да работиме во ЕУ“, „Дали само ЕУ е на Западот“ и „Нови протекции на Германија и Франција“, се некои од пораките од транспарентите кои демонстрантите ги носеа.
Протестите се одржани во пресрет на најавеното гласање на Транспортната комисија на Европскиот парламент, за спорниот нацрт на новите мерки, кои ќе се однесуваат на копнениот транспорт во ЕУ.
Станува збор за нацрт-измени на нормативите кои на возачите додатно ќе им ја ограничат работата, начинот на одмор, часовите на возењето, употребата на тахографот и пристапот на пазарот.
Според новите регулативи, возачите за време на задолжителниот одмор нема да може да поминуваат време на паркинзите и во кабините на камионите, туку ќе мора да одмораат во хотелски или слични сместувања. Исто така, се предвивува дека секој возач мора да се враќа во матичната земја најмалку еднаш во три недели.
Најавените мерки предизвикаа големо незадоволство, особено кај транспортните и шпедитерските компании од Источна Европа, кои тврдат дека тие мерки претставуваат протекционизам за развиените западноевропски земји и ја загрозуваат конкурентноста на компаниите од источноевропските земји.