Ikrame Imane Kouachi
10 Ноември 2023•Ажурирај: 11 Ноември 2023
ГАЗА (АА) - Бројот на загинати Палестинци како последица на израелските напади во Појасот Газа, кој е под блокада, се искачи на 11.078, соопшти Министерството за здравство во Газа, јавува Анадолу.
„Меѓу загинатите 4.506 се деца, 3.027 се жени и 678 се стари лица, додека 27.490 лица се повредени“, изјави портпаролот на ова министерство, Ашраф ал-Кудра, на прес-конференција во Газа.
Ал-Кудра нагласи дека 2.700 лица, вклучително и 1.500 деца, исто така се пријавени дека се заробени под урнатините на зградите срамнети со земја од израелските напади.
„Во израелската агресија загинаа 198 медицински лица, а уништени се 53 амбулантни возила“, додаде тој.
„Израел погоди 135 здравствени установи, а 21 болница и 47 здравствени центри за примарната здравствена заштита не се во функција“, додаде Ал-Кудра.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври. Оттогаш, според официјалните податоци, се убиени речиси 1.600 Израелци.
Покрај големиот број жртви и масовните раселувања, основните резерви се при крај за 2,3 милиони жители на Газа поради израелската опсада.