Saadet Gökce
27 Ноември 2025•Ажурирај: 28 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Бројот на загинати во пожарот што избувна вчера во станбениот комплекс од осум згради во округот Таи По во Хонгконг се искачи на 65 лица, а 280 сè уште се водат како исчезнати, јавува Анадолу.
Досега загинаа 65 лица, меѓу кои и еден пожарникар, 70 се повредени, меѓу кои 10 пожарникари, а 62 сѐ уште се заробени во зградите, објави „Саут Чајна морнинг пост“.
Шефот на Владата на Хонгконг, Џон Ли, претходно изјави дека пожарите во седумте згради се ставени под контрола.
Пожарот избувнал околу пладне во комплекс со повеќе од 1.900 станови и се проширил со голема брзина поради скеле од бамбус поставено околу зградите за време на реновирање.
Се проценува дека во комплексот од седум згради висококатници, кои беа зафатени од огнот, живееле 4.000 жители.
Властите наведуваат дека 280 лица сè уште се водат како исчезнати и дека екипите продолжуваат со интензивни операции за гаснење и пребарување.
Полицијата приведе три лица, двајца менаџери и еден консултант-инженер од градежната компанија што го спроведува реновирањето, под сомнение за „убиство од небрежност“.
Властите велат дека скелето од бамбус поставено за реновирање и материјалите од пенеста пластика што ги покриваат прозорците значително придонеле за брзо ширење на пожарот.
„Имаме причина да веруваме дека одговорните во компанијата покажале сериозна небрежност, што овозможи пожарот брзо да се прошири и да предизвика многу жртви“, изјави вишата надзорничка Ајлин Чунг Лаи-и.
Министерот за безбедност на Хонгконг, Крис Танг, истакна дека првичните наоди укажуваат на „невообичаена брзина“ на ширење на огнот, главно поради материјалот за изолација.
„Откривме дека материјалот што ги покрива ѕидовите на зградата, мрежата околу скелето и водоотпорната церада предизвикале ширење на пламенот многу побрзо отколку што би се случило со материјали што ги исполнуваат безбедносните стандарди“, истакна тој.
Првпат по 17 години властите издадоа аларм за пожар од петто ниво – највисоко на скалата од пет степени.
Властите објавија дека се евакуирани два соседни комплекса, а околу 900 жители погодени од пожарот се засолниле во осум привремени објекти.
На местото на настанот беа распоредени повеќе од 140 противпожарни возила и над 800 лица од службите за итни случаи и пожарникари.
Министерството за сообраќај соопшти дека патиштата во областа се затворени поради пожарот.
Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изрази сочувство до властите во Хонгконг и наложи Канцеларијата за работи со Хонгконг и Макао во Пекинг да даде поддршка во справувањето со кризата.
Шефот на извршната власт на Хонгконг, Џон Ли Ка-чиу, изрази длабоко жалење за големиот број жртви и повредени, упатувајќи сочувство до семејствата и желби за брзо закрепнување на повредените. Тој свика итен состанок на Кабинетот за координација на одговорот на катастрофата.
Главниот извршен директор, исто така, формираше фонд од 38,5 милиони американски долари за поддршка на погодените жители.