Servet Günerigök
29 Март 2020•Ажурирај: 29 Март 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Бројот на починати од новиот тип коронавирус во Соединетите Американски Држави (САД) надмина 2.000, покажуваат податоците на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Најмалку 2.229 луѓе починаа, бројот на заразени се искачи на 124.697, додека излекувани се 3.231 пациент.
Најголем број смртни случаи се пријавени во сојузната држава Њујорк 725, со градот Њујорк како епицентар, каде што се регистрирани 672 смртни случаи.
Првиот смртен случај во САД беше регистриран на 29 февруари во сојузната држава Вашингтон. Таму починаа вкупно 136 лица, по што следува Њу Џерси со 86.
Претходно, официјалните лица во сојузната држава Илиноис го пријавија првиот смртен случај на новороденче од пандемијата. Бебето помладо од една година било позитивно на тестот за коронавирус во Чикаго.
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша огромен стимулативен пакет од 2,2 билиони американски долари, со цел да се минимизираат економските последици од коронавирусот, велејќи дека тоа е „единствениот најголем пакет помош за економско олеснување во американската историја - двојно поголем од кој било досега“.
Иако САД имаат најголем број заразени со коронавирус од која било друга земја, Италија има најмногу смртни случаи, над 10.000.
Откако првпат се појави во кинескиот гран Вухан во декември, вирусот познат како Ковид-19, се прошири во над 177 земји и региони.