Fuat Kabakcı
28 Февруари 2020•Ажурирај: 29 Февруари 2020
АНКАРА (АА) - Епидемијата на новиот тип коронавирус Ковид-19 во Кина досега одзеде 2.790 животи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението што го објави кинеската Национална комисија за здравство, во последните 24 часа во континенталниот дел на земјата од новиот тип коронавирус починале 44 лица, а забележани се нови 327 случаи на Ковид-19.
Од починатите лица, 41 се во кинеската покраина Хубеј, која важи за центар на заразата со вирусот Ковид-19, два смртни случаи има во главниот град Пекинг и еден случај во Ујгурската Автономна Област Синџар.
Во тие рамки, заедно со двата смртни случаи во Специјалниот Административен Регион Хонгконг, вкупниот број на починати од новиот тип коронавирус во Кина изнесува 2.790 лица, а бројот на заразени изнесува 78.824 лица од кои 7.952 се во тешка состојба.
Бројот на лица за кои постои сомневање дека се заразени со вирусот изнесува 2.308, а под опсервација се наоѓаат 65.225 лица. Бројката на лица што го поминале лекарскиот третман за вирусот Ковид-19 и се отпуштени од болница изнесува 36.117.
Кога станува збор за бројот на лица заразени надвор од континентална Кина, се дознава дека таа бројка во Специјалниот Административен Регион Хоногконг се искачила на 93 случаи, додека во Специјалниот Административен Регион Макао се регистрирани 10 случаи.
Новиот тип коронавирус за првпат беше регистриран на 12 декември во градот Вухан во кинеската покраина Хубеј. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морска храна „Хуанан“, под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“.
По експанзијата на епидемијата со новиот тип коронавирус, Светската здравствена организација (СЗО) прогласи состојба на глобална опасност.