Ekip
31 Август 2019•Ажурирај: 01 Септември 2019
ЛОНДОН (AA) - Маса граѓани се собраа во Лондон и во другите градови во Велика Британија на протестите против суспензијата на Парламентот од премиерот Борис Џонсон, непосредно пред истекот на рокот за Брегзит, пренесува Anadolu Agency (AA).
Неколку илјади демонстранти се собраа во близина на резиденцијата на Џонсон, во центарот на Лондон, а протести се одржаа и во други градови со цел да покажат одлучност да го блокираат Брегзит без договор.
Демонстрантите се шокирани од одлуката на Џонсон да ја суспендира работата на Парламентот на неколку недели, во момент кога требаше да се води расправа за Брегзит.
Во Лондон извикуваа „Борис Џонсон, срам да ти е“. Некои носеа транспаренти на кои пишуваше „Запрете го државниот удар“, мислејќи на потегот на премиерот за кој сметаат дека е закана за британската демократија.
Протестите ги организираа групи кои се спротивставуваат на британското напуштање на Европската Унија, „Уште една Европа е можна“ и „Моментум“, здружени со опозициската Лабуристичка партија. Групите го повикаа своето членство да ги „заземат мостовите и да ги блокираат патиштата“.
Организаторите велат дека протести се планирани на повеќе од 30 локации во Англија, Шкотска, Велс и Северна Ирска.
Последен рок за излегување на Велика Британија од ЕУ е 31 октомври.