İlayda Çakırtekin
05 Август 2026•Ажурирано: 05 Август 2026
Италија прогласи највисок степен на тревога поради горештини во 27 градови, додека нов топлотен бран ја зафати земјата, а неколку смртни случаи се поврзуваат со екстремните температури, јави новинската агенција АНСА, јавува Анадолу.
Додека денес 25 градови се под црвен аларм поради горештините, бројот утре ќе се зголеми на 27, бидејќи се очекуваат рекордно високи температури што претставуваат сериозен ризик за јавното здравје.
Италијанската новинска агенција објави дека се регистрирани уште три смртни случаи за кои постои сомневање дека се поврзани со екстремните горештини.
Четириесетгодишен столар починал откако му се слошило додека работел на покрив, 55-годишен чувар починал по здравствена криза додека седел во автомобил, а животот го загубила и 90-годишна жена додека престојувала во градина.
Според прогнозите, температурите во делови од Италија ќе надминат 40 Целзиусови степени, додека за време на викендот се очекува само благо намалување на температурите, на меѓу 36 и 39 степени.
Во меѓувреме, останува загриженоста поради сушата и шумските пожари. Пожари се пријавени во областа Марсика, во регионот Абруцо, додека пожарникарите продолжуваат со напорите за локализирање на пожарот во карстната област во близина на Трст, што гори од саботата попладне.