ВАШИНГТОН
Илјадници мирни демонстранти се собраа денеска во Вашингтон во знак на протест против смртта на Џорџ Флојд, невооружениот Афроамериканец кој минатата седмица почина за време на апсење, во Минеаполис, државата Минесота, откако бел полицаец го собори и неколку минути го држеше своето колено на неговиот врат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Овој пат полицијата на демонстрантите не им дозволи да се приближат до паркот Лафајет преку патот од Белата куќа.
Тие ги извикуваа слоганите: „Животите на црномурните луѓе се важни“, „Џорџ Флојд“ и „Нема правда, нема мир“.
Немаше судири меѓу демонстрантите и безбедносните сили. Паркот и понатаму е затворен и ограден со висока заштитна метална ограда.
Мајк Батлер, жител на Илиноис кој бил во посета на пријател во Ричмонд, Вирџинија, се придружи на протестите за да ги поддржи демонстрантите, кои се на улиците на Вашингтон.
Тој рече дека американскиот претседател Доналд Трамп би требало да излезе надвор со луѓето и да води отворен дијалог, наместо да објавува твитови кои повикуваат на грабежи и пукање.
„Тој всушност не се занимава со работите поради кои луѓето протестираат и ограбуваат“, додаде тој.
Отам Тетер (28), жител од Вашингтон, рече дека Трамп на прво место мора да ја искаже својата загриженост до семејството на Флојд, а потоа и до граѓаните припадници на црната раса во Америка. Тој треба да се извини на сите црномурни луѓе во Америка.
Рече дека е загрижен бидејќи би можел и тој да биде следна жртва на полициската бруталност.
„Во некој момент протестите ќе завршат. Ќе завршат кога луѓето во потполност ќе разберат, кога правдата ќе биде на страната на жртвите од полициското насилство и кога ќе се запре системското угнетување на црномурните луѓе. Додека луѓето не го прифатат фактот дека не треба да се плашат од црномурните луѓе. Зошто се плашите од нас? Без нас, овој град би бил ништо“, изјави Тетер.
Афроамериканецот Џорџ Флојд (46) беше уапсен на 25 мај во Минеаполис, откако наводно се обидел да користи фалсификувана банкнота од 20 долари во локална продавница. Видеоснимките од бруталното приведување беа објавени на социјалните мрежи, на кои се гледа како полицајците му ставаат лисици и го спуштаат на земја, а едниот од нив го притиска коленото врз вратот на Флојд. Тие тврдеа дека тој се спротивставил на приведувањето.
И покрај тоа што Флојд во неколку наврати рекол дека не може да дише, полицаецот не го кренал коленото од неговиот врат. Набргу потоа Флојд изгубил свест, но полицаецот ја задржал истата положба врз жртвата. Флојд починал набргу откако бил пренесен во болница.
Неговите последни зборови „Не можам да дишам“ станаа слоган на протестите низ државата.
Со независна аутопсија вчера беше соопштено дека Флојд починал од задушување поради континуиран притисок.
news_share_descriptionsubscription_contact
