Aydoğan Kalabalık
25 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Шарм ел Шеик, во Египет, се одржува самитот на Европската Унија и Арапската лига под слоганот „Инвестиција во стабилноста“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во Шарм ел Шеик пристигнаа високата претставничка на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, премиерката на Велика Британија Тереза Меј, премиерите на Италија, Џузепе Конте, на Грција, Алексис Ципрас, на Унгарија, Виктор Орбан, како и голем број претставници од 18 европски земји.
На дводневниот самит ќе се разговара за безбедноста, климатските промени, јакнењето на соработката, економскиот развој и инвестициите. Освен тоа, се претпоставува дека претставниците ќе разговараат за прашањето за Палестина, настаните во Либија, Сирија и Јемен.
Претходно беше соопштено дека на самитот ќе присуствуваат претставници на 28 земји членки на Европската Унија, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, која сè уште нее пристигната во Египет. Не е соопштено зошто Меркел не присуствува на првиот ден од самитот, а од Франција сè уште не пристигнал ниту еден претставник.
Од друга страна, лидерите на речиси половина од земјите-членки на Арапската лига не учествуваат на самитот. Единаесет земји ги претставуваат кралеви, емири и претседатели, четворица премиери, четворица министри за надворешни работи, и двајца претставници од понизок ранг.
На Самитот присуствуваат претседателот на Египет Абдел Фетах ал Сиси, кралот на Саудиска Арабија Селман бин Абдулазиз, емирот на Кувајт Шеик Сабах ал Ахмад ал Џабир ал Сабах, кралот на Бахреин Хамед бин Иса, претседателот на Палестина, Махмуд Абас, претседателот на Ирак, Бархам Салих, претседателот на Тунис, Беџи Каид Есебси, претседателот на Јемен Абдураби Менсур Хади, челникот на владата на национално единство на Либија Фаиз ал Сараџ, претседателот на Сомалија Мухамед Абдула...
Либан и Мароко ги претставуваат премиерите, Алжир претседателот на Собранието, Оман заменикот на султанот, Јордан, Мавританија, Судан и Коморските Острови министрите за надворешни работи.
Претставници од понизок ранг ги претставуваат Катар и Обединетите Арапски Емирати.