АНКАРА (АА)
- Фуат КАБАКЧИ
На одбележувањето на 1 Декември, светскиот Ден за борба против сидата (AIDS), вирус што предизвикува хумана имунодефициенција (ХИВ)/Синдром на стекната имунодефициенција (СИДА), од неговото прво појавување во 80-тите години на минатиот век досега животот го загубија приближно 32,7 милиони заразени, а 38 милиони луѓе живеат со овој вирус. Бројката на смртни случаи поврзани со сидата е намалена за 39% од 2010 година, а бројот на новозаразени со ХИВ е намален за 23% во истата временска рамка.
Според информациите што ги сподели Заедничката програма на Обединетите нации за ХИВ/сида (УНАИДС), создадена со цел да се спречи ширењето на ХИВ низ целиот свет и да се подобрат условите за живот на пациентите заразени со сида, од 2000-тите години се намалува бројот на лица што страдаат од оваа болест, а во исто време зголемена е свеста за болеста.
Додека вкупниот број луѓе што живеат со вирусот ХИВ/сида во светот во 2000 година изнесуваше 24 милиони, оваа бројка во 2005 година изнесуваше 27,3 милиони, 30,7 милиони во 2010 година, 34,9 милиони во 2015 година, а 35,7 милиони во 2016 година. Бројката е зголемена од 36,5 милиони во 2017 година на 37,3 милиони во 2018 година и на 38 милиони во 2019 година. Од овие 38 милиони луѓе, 1,8 милиони се деца на возраст под 15 години.
- Најголем број во Јужна и Источна Африка
Најголем број заразени со ХИВ/сида во светот се наоѓаат во земјите во кои живее мнозинство население со средни и ниски приходи.
Јужна и Источна Африка се издвојуваат со 20,7 милиони случаи по бројот на заразени, по кој следува Азиско-Пацифичкиот регион со 5,8 милиони, Западна и Централна Африка со 4,9 милиони, Централна и Западна Европа и Северна Америка со 2,2 милиони, Латинска Америка со 2,1 милион, Источна Европа и Централна Азија со 1,7 милиони и Блискиот Исток и Северна Африка со 240.000.
Првите случаи на имунодефициенција поврзана со ХИВ, чие потекло беше непознато, започнаа да се регистрираат во раните 80-ти години од минатиот век.
Болеста што започна да прераснува во епидемија во 1982 година беше именувана како сида, а веќе следната година се утврди дека вирусот на ХИВ предизвикува сида.
Првите антиретровирални лекови против сидата се појавија кон крајот на 80-тите години на минатиот век.
Во средината на 90-тите години на минатиот век, преваленцијата на сидата го постигна својот врв, достигнувајќи 2,7 милиони случаи на зараза на годишно ниво. УНАИДС беше формирана од страна на ОН во 1996 година со цел да ги организира меѓународните напори за борба против сидата.
Се проценува дека од појавувањето на заразата, 75,7 милиони луѓе се заразени со вирусот ХИВ, а 32,7 милиони починале од болестите поврзани со сидата.
- Случаите со ХИВ се намалени за 23% од 2010 година наваму
Може да се забележи дека со поголемиот број кампањи насочени кон зголемување на свеста за ХИВ и можностите за лекување, зголемувањето на пристапот до лекови и третман, ја намалија бројката на нови пациенти и смртни случаи со текот на годините, а зголемени се пристапот до тестови и лекување.
Иако сидата не може да се излечи, благодарение на антиретровиралните лекови, можно е ХИВ-позитивните лица да живеат долго со оваа болест.
Бројката на новозаразени, која во раните 2000-ти изнесуваше околу 2,5 милиони на годишно ниво, постепено се намалуваше во последните години, а бројот на нови пациенти е намален на 1,7 милиони во последниве години.
Покрај тоа, смртните случаи поврзани со сидата се намалени за 39% од 2010 година наваму. Во 2000 година беа евидентирани 1,4 милиони починати на годишно ниво, а оваа бројка се намали на 690.000 во 2019 година.
Додека во 2000 година само 590.000 заразени од 24 милиони носители на ХИВ имале пристап до антиретровирална терапија, во 2020 година, 26 милиони од 38 милиони преносители на ХИВ-вирусот имаат пристап до оваа терапија.
Додека бројот на деца под 15 години заразени со вирусот ХИВ во 2000 година изнесуваше 490.000, оваа бројка е намалена на 150.000 во 2019 година.
Новите случаи на ХИВ низ светот исто така се намалени за 23% од 2010 година наваму. Во исто време, новите случаи на ХИВ кај децата се намалени за 52%.
Благодарение на антиретровиралните лекови, кај 85% од бремените жени спречено е пренесувањето на вирусот на плодот.
- Разликата помеѓу ХИВ и сида
Сидата се јавува кога вирусот ХИВ ќе го уништи имунолошкиот систем што го штити организмот од болести.
Ефектите на ХИВ врз телото се поделени во 4 главни фази, а последната и најистакната фаза во која се јавуваат болестите се нарекува сида.
Времето од заразувањето со ХИВ-вирусот до последната фаза може да варира помеѓу 3 месеци и 10 години, во зависност од отпорноста на телото и условите за живот на лицето.
ХИВ се пренесува преку сексуален контакт и крв, а може да биде пренесен од мајка на дете преку плацентата за време на бременоста.
- Потребни се 26,2 милијарди долари за борбата против ХИВ во 2020 година
Според проценките на УНАИДС, зголемувањето на бројот на носители на вирусот ХИВ секоја година ја зголемува потребата од финансиски средства за борбата против вирусот.
Во моментов, заклучно со крајот на 2019 година, средствата во фондот изнесуваат 18,6 милијарди долари, при што 57% од оваа сума се обезбедени од сопствени можности на земјите со средни и ниски приходи.
УНАИДС истакнува дека финансиските потреби за оваа година изнесуваат 26,2 милијарди долари.
news_share_descriptionsubscription_contact
