МУНБИЧ (АА) - Цивилите продолжуваат со протести поради принудната мобилизација во сирискиот град Мунбич, што над жителите ја спроведува терористичката организација ЈПГ/ПКК, јавува Агенција Анадолија (АА).
Протестите што вчера се одржаа во центарот на Мунбич поради принудната мобилизација која терористите на ЈПГ/ПКК ја вршат над локалното население, се проширија и на периферијата на подрачјето. Цивилите се собраа во Худхуд, во источниот дел на Мунбич, и го дигнаа гласот и покрај препреките на терористите на ЈПГ/ПКК.
Терористите ги запреа цивилите на контролната точка Кадаф, на влезот во подрачјето што се обидоа да го преминат за да стигнат во центарот.
Припадниците на терористичката организација ЈПГ/ПКК отворија оган врз демонстрантите за да се обидат да ги спречат во преминот. Притоа загина еден цивил, а шест се ранети. Демонстрантите потоа го запалија возилото на терористите на контролната точка.
Од друга страна, делегацијата на Русија и режимот на Башар ал Асад пристигнаа во центарот на Мунбич за да разговараат со водачите на племињата на тоа подрачје. Делегацијата разговараше со шеик Ибрахим Шелаш, водачот на племето Абу Саид, и со водачите на уште четири племиња. И припадниците на терористичката организација започнаа преговори со водачите на племињата на тоа подрачје.
Неколку стотици цивили се собраа во центарот на Мунбич и околните населби во понеделникот за да протестираат против принудната мобилизација што ја спроведува терористичката организација ЈПГ/ПКК. Тогаш терористите на ЈПГ/ПКК отворија оган врз демонстрантите и усмртија едно, а ранија три лица. Жителите потоа ја запалија контролната точка на терористите на патот кон Алепо.
Терористите, за да ја спречат реакцијата на населението против споменатата практика, воведоа 48-часовна забрана на движењето, што стапи на сила на полноќ.
Жителите на Мунбич и во текот на денот протестираа со спуштање на завесите на прозорите и на тој начин им порачаа на терористите од ЈПГ/ПКК дека не сакаат да им ги носат децата во терористичките кампови.
Терористите на ЈПГ/ПКК пак принудно ги мобилизираат и во своите редови ги регрутираат машките и женските млади лица од Мунбич што се родени во период од 1990 до 2003 година.
Терористите на ЈПГ/ПКК спроведуваат слична практика и во другите североисточни градови на Сирија и на тој начин сакаат и цивилите да ги вмешаат во терористичките активности во градовите што се под нивна окупација.
Во својата над 35-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и ЕУ, е одговорна за смртта на најмалку 45.000 луѓе, меѓу кои има и жени и деца.
Мунбич од август 2016 година се наоѓа под окупација на терористите на ЈПГ/ПКК, а Соединетите Американски Држави (САД) претходно ветија дека припадниците на ЈПГ/ПКК, по повлекувањето на терористите на ДЕАШ, ќе го напуштат Мунбич. Сепак, администрацијата во Вашингтон не го одржа ветувањето.
Турција и САД во јуни 2018 година постигнаа договор за Мапата на патот кога е во прашање Мунбич, но поради одолговлекувањето од американска страна, тоа не е довршено.
И Русија со договорот постигнат со Турција во октомври 2019 година, за време на операцијата „Извор на мирот“, вети дека терористичката организација ќе го напушти Мунбич. Но, ЈПГ/ПКК и понатаму продолжува да го окупира подрачјето, да ги напаѓа цивилите и да се обидува да дојде до линијата на Сириската национална војска.