Mohamad Misto,Muhammet Torunlu,Ekrem Biçeroğlu,Safiye Karabacak
23 Февруари 2023•Ажурирај: 24 Февруари 2023
ГАЗИАНТЕП (АА) - МУХАМЕД МИСТО -
Генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка (ОИС), Хусеин Ибрахим Таха, истакна дека Туркије се соочила со еден катастрофален земјотрес кој е ретко виден, упатувајќи апел до земјите членки на ОИС да бидат во блиска соработка со Туркије, јавува Анадолу.
Таха ги посети подрачјата на Нирдаги и Ислахије во Газиантеп кои беа погодени од земјотресите со епицентри во Кахраманмараш, каде што доби информации од локалните власти.
„Како Организација за исламска соработка веднаш се мобилизиравме откако дознавме дека се случил таков голем земјотрес во Туркије“, рече Таха во изјава за новинарот на АА.
Според него, итно стапиле во контакт со земјите членки на ОИС во врска со ова прашање, додека, како што рече тој, направиле сѐ со цел да му дадат поддршка на турскиот народ и да ги олеснат последиците од земјотресот во Туркије.
Таха нагласи дека во овие рамки земјите членки на ОИС, пред сѐ Саудиска Арабија, Катар и Кувајт, пружиле рака на помош, и дека формирале специјални оддели за координирање на оваа помош.
Тој истакна дека е потребна голема солидарност за санирање на последиците од земјотресот кој предизвика големо рушење на згради и објекти и кој претходно е ретко виден.
- „Свесни сме за големата болка која ја доживеа Туркије“ -
Таха кој одржа консултативни средби со гувернерот на Газиантеп, Давут Ѓул, градоначалничката на Газиантеп, Фатма Шахин, како и со претставниците на Стопанската и индустриската комора на Газиантеп, упати апел до земјите членки на ОИС да бидат во блиска соработка со Туркије за санирање на последиците од земјотресот.
Тој потсети дека во Туркије дошол со делегација во име на 57 членки на ОИС и додаде: „Свесни сме за земјотресот на векот кој го сведочи Туркије, за големата болка што ја доживеа Туркије и за оваа тешка состојба. Веруваме дека фирмите во земјите членки на ОИС треба да соработуваат со вас [со Туркије]. Нашата организација ги повика сите свои членки да ѝ дадат поддршка на Туркије.“